Достапни линкови

Џолев: Судот не е одговорен што предмети на СЈО се враќаат отпочеток


Претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев

Нема вина во Кривичниот суд за повторувањето на постапките на дел од предметите на СЈО, реагираше денеска претседателот на Основниот суд Скопје 1, Иван Џолев, на коментарите во јавноста и политичарите.

Тој вели дека причината за повторувањето на постапките е неодржување на рочиште 90 дена, но причините за одложување се во немањето мандат на обвинителите за постапување по предметите, односно недостатокот на политичка волја за решавање на статусот на СЈО.

„Одговорност кај Судот нема, чија ќе биде одговорноста нека цени јавноста. Предметите се одложија во ситуации кога и Судечкиот совет и обвинетите и обвинителството, сите беа присутни, но рочиште не можење да се одржи. Предметите се одложуваа бидејќи обвинителите на СЈО во тоа време не знаеја дали имаат овластување да ги застапуваа предметите. Не велам дека вината е во Обвинителството, не велам дека вината е во Судот, во овој случај сите беа присутни, а сепак рочиште не се оддржа, фалеше политичка волја договор за да се донесе Законот за СЈО, Законот за јавно обвинителство, кој има корист од неносењето на тие закони јас не знам, вие ценете“, изјави Џолев.

Тој додаде дека во Кривичниот суд во моментов има 24 високопрофилни предмети, и дека во рок од две години од почетокот на 2018 до ноември 2019 година завршени се десет, а започнувањето на предмети од почеток се случило кај четири случаи. Тоа се предметите познати во јавноста како „Шамарите или насилство во Општина Центар“, „Тортура“, „Трезор“ и „Тендери“.

Според Џолев со повторувањето на постапките најмногу загубија обвинетите, но и обвинителството, судот и генерално македонскиот правосуден систем.

Во однос на обвинувањата на опозицијата дека македонското судство од „сваровски“ судство стана „Луј Витон Судство“, Џолев вели дека таквите изјави се невкусни и неумесни.

Според статистиката што ја објавува Судот, од почетокот на годинава до сега се решени 62 проценти од вкупниот број на предмети. Во просек според бројките на пристигнати и заостанати предмети, еден судија во Основниот суди Скопје 1 годишно решава по околу илјада предмети.

XS
SM
MD
LG