Достапни линкови

Распуштањето на Собранието може да го помати ратификувањето на Протоколот за НАТО


Претседателот на Собранието, Талат Џафери вели дека не постои можност кога веќе Собранието ќе биде распуштено да се свика доколку има потреба да се ратификува Протоколот за членство во НАТО. За тоа, рече Џафери, ќе треба да се чека на новиот собраниски состав. За ова прашање, нагласи, досега не разговарал со лидери на политички партии, а кој има потреба за тоа, според него, треба да побара средба и да разговараат.

Премиерот Зоран Заев очекува ратификацијата на Протоколот за НАТО да биде завршена навреме и во нашиот Парламент.

„Јас верувам дека навремено ќе стасаме со оваа работа“, вели Заев, кој додава дека државата се подготвува и институциите не треба да бидат пречка.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, рече дека на лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски се разговарало и за тоа што ако Собранието се распушти, а не е ратификуван протокот за НАТО. Тој вели дека советник од Кабинетот на претседателот рекол дека Уставот предвидува Собранието да може да се состане во случај на итни и неодложни ситуации. Мицкоски потсети дека во минатото се случувало Собранието иако распуштено да се состане, кога се договараа за датуми за избори.

„Пракса било Парламентот да се распушти и пак да се собере за итни и неодложни работи, за да може да се стави таа точка на дневен ред и да се помине“, вели Мицкоски.

XS
SM
MD
LG