Достапни линкови

Брнабиќ го потпиша договорот за слободна трговија со Евроазиската Унија во Москва


Српската премиерка Ана Брнабиќ денеска во Москва го потпиша Договор за слободна трговија меѓу Србија и Евроазиската унија со кој се проширува списокот на српски производи што можат да се извезуваат на територијата на Евроазиската унија без царина. Договорот ги заменува постојните билатерални договори на Србија со Русија, Белорусија и Казахстан и ја проширува зоната на слободна трговија со Ерменија и Киргистан, опфаќајќи пазар од околу 185 милиони луѓе.

Министерството за трговија на Србија соопшти дека со договорот за слободна трговија ќе се овозможи околу 95,5 проценти од српските производи да се извезуваат во Евроазиската унија без царини.

Минатата година трговската размена меѓу Србија и државите од Евроазиската унија изнесувала 3,4 милијарди американски долари.

Иако Србија се стреми да влезе во Европската унија, одржува блиски односи со Русија.

Минатата недела, портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, рече дека ЕУ „внимателно“ ги следи преговорите меѓу Србија и Евроазиската унија и очекува Белград да се усогласи со надворешната политика на ЕУ. Таа рече дека ЕУ останува најважниот трговски партнер на Србија.

XS
SM
MD
LG