Достапни линкови

Заев за „бомбите“ дознал од Верушевски, добро ги чувал и не му дал дел од нив на Груевски


Премиерот Зоран Заев на рочиштето за прислушувањето рече дека поранешниот разунавач, сега негов советник Зоран Верушевски, го информирал дека партијата располага со документи и материјали од типот на незаконско следење на комуникациите. Заев во својство на сведок на судењето за „Таргет Тврдина“ рече дека првпат за материјалите дознал кога станал претседател на СДСМ во јуни 2013 година. Документите и материјалите биле и во пишана и во аудио форма, рече Заев. Тој вели дека во периодот кога дознал за материјалите не ги познавал вработените во УБК, Звонко Костовски и Ѓорѓи Лазаревски.

Заев рече дека го интересирало од каде доаѓаат материјалите, дали од институции на државата или однадвор. Од презентацијата на документите видел дека се од институции на државата, а од нив констатирал и дека се прави масовно следење.

Според премиерот најчест таргет била опозицијата, а потоа новинари, експерти, невладини организации, но и неколку телефонски броја од високи претставници од власта во тоа време.

Заев вели дека од СДСМ најмногу го прислушувале Црвенковски, па него, и дека станува збор за илјадници разговори и смс пораки.

„Бомбите“ биле посебно чувани, а пристап до нив имале само Заев и Верушевски.

Заев рече дека од тоа со што располага СДСМ, се прислушувало во периодот од 2008 до 2014 година. Тоа, додава се правело во МВР и УБК, а материјалите оделе првин кај тогашниот премиер Никола Груевски. Премиерот рече дека имал четири средби со Груевски и дека на тие средби Груевски му барал дел од материјалите, но Заев не му ги дал.

XS
SM
MD
LG