Достапни линкови

Мицотакис - Исходот од Самитот не е добар ни за Балканот, ни за Грција


Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис

Резултатот беше таков што не ни дозволи да донесеме одлука и ова не е добро ни за Балканот ни за Грција, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на прес-конференцијата во Брисел за резултатите од Самитот на ЕУ, говорејќи за проширувањето на Унијата, односно како што рече, за прашањето „за кое за жал не успеавме да се договориме“, jави дописничката на МИА од Атина.

„Не беше изводливо да се постигне едногласност. Три земји не се согласија, па така, резултатот не беше таков да ни дозволи да донесеме одлука. Сметам дека ова не е добро. И сметам дека не е добро и за општата стабилност на Балканот, бидејќи треба да се задржи отворена европската перспектива на Западен Балкан за да може да постои поголема стабилност и економски просперитет во регионот. Сметам дека не е добро ни за Грција, бидејќи главното оружје што Грција го има во свои раце за да се справи со прашањата што ги има со двете земји се однесува на европската перспектива“, рече Мицотакис.

Појасни дека колку двете земји се поблиску до европскиот пат, толку повеќе ѝ се дава можност на Грција во рамките на процесот на преговори со Унијата да се справи со проблемите што ги има на билатерално ниво.

Мицотакис истакна дека Грција ја поддржува европската перспектива на Западен Балкан и „има поставено конкретни услови во процесот“, објасни дека на состанокот ги пренел позициите на грчката влада за Договорот од Преспа, зошто сметаат дека е лош договор, но и повтори дека од моментот кога е ратификуван, тие се обврзани да го спроведуваат.

XS
SM
MD
LG