Достапни линкови

Грејната сезона ја разгоре темата за загаден воздух


Битола.

Опозицијата во Битола обвинува дека локалната власт во изминатите две години ништо не презела против загадувањето на воздухот. Локалната власт, пак, вели дека ВМРО-ДПМНЕ не треба да зборува за воздухот, зашто 12 години претходно ништо не правење против загадувањето. Во меѓувреме гасификацијата не е завршена, а Општината дава субвенции за инвертери.

Пред да се расчадат оџаците, се разгоре темата за загадениот воздух во Советот на Општина Битола. Од опозицијата обвинуваат дека голем дел од загадувањето се должи на греењето со фосилни горива на институциите, како и затоплувањето со дрва во домаќинствата, но дека локалната власт во изминатите две години ништо не презела.

Иванчо Тошевски, координатор на советничката група на ВРМО-ДПМНЕ вели:

„Во извештајот од Геосфера беше прецизно наведено дека над 70 проценти од загадувањето на амбиенталниот воздух доаѓа од затоплувањето на домаќинствата и објектите кои се под капа на локалната или централната власт, зашто се затоплуваат со фосилни горива. Што направи локалната власт за две години? Дури 70 проценти од тој учинок доаѓа од загадувањето на државните и локалните институции.“

Претседателот на Советот Валентин Груевски кој е од редовите на ЛДП возврати дека ВМРО-ДПМНЕ треба да направи самоцензура и да не зборува за воздухот, зашто 12 години ништо не презеле, а кога поранешната опозиција зборуваше на таа тема, тие се смееле.

„Кога држевте прес-конференција за загаден воздух еден член на ВМРО-ДПМНЕ ни велеше ако ви е загадено, земете и дувајте ќе избега маглата. Кога го прашаа екс градоначалникот Владимир Талески за Коледе што ќе преземе за воздухот, цела советничка група седеше назад и се смееше, а тој со ироничен глас велеше ние не можеме ништо да направиме со божјите сили“, рече Груевски.

Од Општина Битола досега во повеќе наврати како мерка за борба против загадениот воздух ја посочиле гасификацијата. Изградбата на гасоводот стигна на само седум километри до Битола во атарот на селото Карамани. Следната градежна сезона ќе дојде примарниот довод до градот.

Воедно деновиве Општина распиша и јавен повик за субвенционирање на дел од трошоците на граѓаните кои ќе купат клима уред инвертер и со нив ќе ги заменат печките на дрва. Повикот трае до деветти октомври.

„Целта е стимулирање на граѓаните да користат обновливи извори на енергија за затоплување на своите домови кои минимално ги загадуваат почвата и воздухот и не влијаат врз климатските промени. Општина Битола ќе обезбеди поврат од дел од потрошените средства, односно 30 проценти од вредноста на набавениот клима уред, а тоа да не е повеќе од 20.000 денари. Бројот на корисници кои ќе поднесат барање е ограничен до предвидениот износ за оваа намена кој изнесува 2,5 милиони денари. Исплатата ќе се врши по редослед на поднесените барања до исцрпување на предвидените средства по принципот прв дојден прв услужен“, соопшти советничката Татјана Крчева.

Услов за учество на јавниот повик е купувачот да нема искористено субвенција за истата оваа намена од било кој друг извор од Северна Македонија, а право на учество ќе имаат жителите на Општина Битола кои ќе набават клима уред во овој временски период додека трае јавниот повик и ќе ја достават потребната документација. Ова е различен проект од оној кој го најави Владата за набавка на клима инвертери.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG