Достапни линкови

Од денеска бесплатна правна помош за граѓаните


Министерката за правда, Рената Дескоска

Со новиот Закон за бесплатна правна помош, што стапи на сила од денеска, граѓаните добиваат бесплатна правна помош и еднаков пристап до правда – адвокатот, а сите судски и административни трошоци се покриваат од буџетот.

„Граѓаните кои се со незавидна финансиска положба можат да се обратат до Министерството за правда и до неговите подрачни единици и да побараат да им се даде правна помош или да им се обезбеди адвокат кој ќе биде платен од Буџетот на Министерството. Новина во законот е што сега се покриваат сите трошоци поврзани со обезбедувањето на правната помош“, рече на денешната прес – конференција, министерката за правда Рената Дескоска.

Овој закон, како што истакна, придонесува кон градење на владеењето на правото, но и содржи и една хумана димензија која подразбира дека материјалните можности не смеат да бидат пречка за остварување на правата на граѓаните.

Дескоска потенцираше дека со овој закон, граѓаните кои немаат доволно финансиски средства ќе можат да ги остварат своите права пред судовите, пред управните органи, но и пред други државни органи како што се Уставниот суд, Народниот правобранител и други институции.

Бесплатната правна помош граѓаните можат да ја добијат за имотно-правни спорови, должничко-доверителски односи, прашања од пензиско и инвалидско осигурување, застапување на жртви на семејно насилство, остварување на социјална помош, за спорови со осигурителни компании итн.

Новина во законот, како што рече Дескоска, е што сега се покриваат сите трошоци поврзани со обезбедувањето на правната помош. Досега не се покриваа судски такси, трошоци за вештачење и сл., што беше пречка за многумина да добијат заштита заради дополнителните трошоци. Сега таа пречка е отстранета. Со новиот закон, корисниците на бесплатна правна помош се ослободуваат од судски трошоци и од трошоци за вештачење и тоа ќе се врши од Бирото за судски вештачења без надомест.

Законот предвидува давање на примарна и на секундарна правна помош. Примарната правна помош ја даваат овластени лица од Министерството за правда или од подрачните одделенија кои ги има по градовите во внатрешноста на државата. Примарна правна помош даваат овластени здруженија. Досега се регистрирани седум вакви здруженија.

XS
SM
MD
LG