Достапни линкови

Запленети луксузни автомобили од синот на африкански лидер на аукција во Швајцарија


Ламборџини Венето роудстер од 2014 година, еден од само деветте произведени такви автомобили, кој се очекува да биде продаден за најмалку 5,2 милиони франци

Аукциска куќа во Швајцарија се подготвува да продаде 25 луксузни возила, меѓу кои Ферари, Ролс Ројс и Ламборџини, кои властите во Женева ги запленија од синот на претседателот на Екваторијална Гвинеја во истрагата за перење пари.

Аукциската куќа Бонамс очекува возилата на денешната аукција да донесат 18,5 милиони швајцарски франци, кои ќе ѝ бидат префрлени на хуманитарна организација за помош на народот во Екваторијална Гвинеја, држава во централна Африка, на брегот на Атлантскиот Океан.

Канцеларијата на обвинителот во Женева во февруари објави дека го затворила случајот против Теодор Нгуеме Обијанга Мангуе, син на долгогодишниот претседател на земјата Теодор Обијанга, и уште две лица по истрагата за перење пари и проневера на јавни приходи.

Швајцарските власти ги запленија автомобилите и наредија заплена на јахта во 2016 година.

Јахтата беше ослободена со договорот од февруари, според кој Екваторијална Гвинеја се согласи да им плати на властите во Женева 1,3 милиони швајцарски франци на име трошоци за процедурата.

На денешната аукција ќе биде понуден бел и беж Ламборџини Венето роудстер, еден од само деветте произведени такви автомобили, кој е возен само 325 километри. Аукциската куќа Бонамс очекува за него да добие најмалку 5,2 милиони франци.

Се очекува едно ферари да биде продадено за најмалку 2,6 милиони франци.

Синот на претседателот на Екваторијална Гвинеја, кој воедно е и потпретседател на земјата, има правни проблеми и во други земји. Минатата година бразилските власти соопштија дека заплениле 16 милиони долари непријавени пари и луксузни часовници од делегацијата што ја предводел тој, што потенцијални бил случај на перење пари проневерени од владата на Екваторијална Гвинеја.

Судот во Париз во 2017 година го осуди синот на претседателот за проневера на милиони долари јавни пари, но тој случај сè уште е во жалбена постапка.

XS
SM
MD
LG