Достапни линкови

МАН - На новинарскиот збор да не се одговара со притисок и закани


Протест на МАН (Македонска асоцијација на новинари) пред Основно јавно обвинителство

Микрофон во „лисици“, симболично оставија претставниците на Македонската асоцијација на новинари( МАН) во Основното јавно обвинителство на протестот поради закани до новинари и медиуми. Протестот беше организиран за поддршка на новинарот од Инфомакс, Александар Митовски, откако Обвинителството покрена обвинителен предлог против него, затоа што објавил записник од исказ за случајот „Рекет“.

Претседателката на МАН, Ивона Талеска тврди дека по ваквите постапки на Јавното обвинителство Македонија заедно со Турција се црни точки во Југоисточна Европа за медиумските слободи. Таа вели дека се водат над 60 предистраги и истраги, закани за испрашувања, обвиненија и процеси против медиуми кон не се блиски на актуелната владејачка структура.

„Протестот го правиме за да порачаме - На новинарскиот збор да се одговори со збор, а не да се одговора со прогони, со апсења и со обвиненија“, рече Талеска.

Новинарот Митовски вели дека притисокот што се прави е неподнослив.

„Мора да застанеме сите заедно, солидарно како колеги и да кажеме – Доста е на сите овие притисоци. Се надевам дека сите овие апели ќе стигнат до обвинителот Јовески, до премиерот Зоран Заев и до сите надлежни“, рече тој.

И Талеска и Митовски рекоа дека додека се одржува протестот по налог на Јавното обвинителство се врши претрес во редакцијата на Нетпрес, се бараат материјали за објавена истражувачка сторија, која, како што велат, е поткрепена со објавени документи. На протестот можеше да се види и новинарски елек на бесилка.

Во сличен случај за оддавање на класифицирани информации беше обвинет новинарот Емил Зафировски, тогаш новинар во дневниот весник Време. Тој беше обвинет дека во април 2007, во весникот „Време“ во кој тогаш работел, објавил строго доверлив документ со што одал воена тајна, за што му се закануваше затворска казна од 10 години, но обвинението беше повлечено. Новинарот Томислав Кежаровски во 2013 година беше осуден на 4,5 години затвор за откривање на идентитетот на заштитен сведок во тогашниот неделник Репортер 92 во 2008 година. Апелациониот суд во 2015 година му ја намали казната на две години.

XS
SM
MD
LG