Достапни линкови

Пол Гунон: Градот е многу повеќе од проектот „Скопје 2014“


Со идеја да говори за пропустите, за комичното и грдото, но и да ја види скриената убавина на градот и да ја препознае неговата историја, од 13 до 27 септември, во галерија „Акантус“ се претставува францускиот уметник Пол Гунон. Изложбата речовито е насловена „... по која цена“.

Пол Гyнон, млад француски уметник престојуваше во Скопје месец и половина градејќи го својот проект - изложба „... по која цена”, посветувајќи сe комплетно, теоретски и практично во истражување на развојот и потребата на градот да еволуира во неговиот изглед низ историјата. Како што вели тој, градењето на неговиот личен став, неговата уметничка визија за градот кој е појдовен интерес за оваа изложба е поврзан со неговиот интерес за историјата, културата и еволуцијата на градот се до денешен ден, вклучувајќи го и контроверзниот проект „Скопје 2014“.

Тој си поставува прашања: Како ја памтиме и пренесуваме историјата која полека избледува, повторно креирајќи ја од скица? Со кои социолошки, политички и културни последици или пак со која цел? Низ археологијата, иронична и апсурдна на моменти, негов интерес на истражување во контекст на претходното творештво, го гради својот став, создавајќи свои артефакти како одговор за паметењето на историјата. Артефактите од минатото и сегашноста ги реконструира, сече, крши, пресоздава за подобро да ја разбере суштината на она што од неа останува и го дефинира градот.

„Прв пат доаѓам во Македонија и по прв пат се среќавам со проектот „Скопје 2014“. Него го доживувам како еден обид да се рекреира, ре-создаде градот и да се смени неговиот лик. Да се дадат впечатоци за една историја која можеби и не е таква. Како проект сметам дека е лошо направен затоа што создава простор за конфликт и за шпекулација. Се гледа дека не е вистинит според начинот на кој е изведен. Мојата идеја не е директно да зборувам за проектот, туку да пренесам едно објективно доживување на некој од страна. Како јас го гледам тоа. Како го доживувам Скопје“, вели Гунон.

Тој појаснува дека во вакви ситуации кога некој си поигрува со историјата се губи идејата за вистинското минато и за реалните работи што треба да бидат прикажани.

Во дополна ќе рече дека времето за подготовка било кратко, само три недели за предлогот пред програмата „и-портунитис“ на Европската унија и уште толку пред доаѓањето во Македонија на резиденцијален престој, и дека сè она што го претставил е создадено овде во Скопје. Притоа користел градежни материјали како цигли, бетон, бои ...нешто што вообичаено го користи во родната земја и најмногу од сè стиропор.

„Во мојата работа често пати користам градежни материјали. Ја користам нивната естетика за изработка на скулптури, слики, уметнички предмети...За мене тие материјали беа начин да се покаже една рефлексија на сè што било употребено во проектот „Скопје 2014“. Вообичаено посегам по материјали коишто можат да се најдат во градот во којшто работам. Овде ми беа интересни материјалите коишто биле искористени за да се направат лажни фасади, лажни уметнички дела, но во овој контекст ги користам истите материјали за да креирам вистински уметнички дела. Од таму и розовиот стиропор...таа боја нели се смета за боја на кичот...а мене ми се допаѓа да работам со неа и особено затоа што во Скопје секаде може да се најде розов стиропор“, ќе рече Пол.

Прашан конкретно дали смета дека „Скопје 2014“ е кич проект, францускиот уметник со потврден одговор и експликација дека и не може да биде поинаку затоа што се насобрани, натрупани, измешани на едно место многу работи и дека добар дел од нив и не се завршени.

Сето тоа нему му личи на пренагласен, вештачки декор на забавен парк. Како што вели една од работите што го прави овој проект кич е лошата пропорција, односно губењето на пропорциите во целиот град.

„Иако изложбата „... по која цена“ задира во политички и социјални прашања мојот одговор е секогаш обоен со хумор и смеа. Се обидувам критиката да биде разбрана на повеќе начини. Не мора да биде сметана само како политички одговор, туку како одговор во кој има сатира и нагласена нишка на хумор. Од таму би сакал изложбата, како и што планираме, да ја поставам во мојата земја. Во Франција и не се знае многу за Република Северна Македонија. На голем број од луѓето кога ќе им кажев дека одам во Македонија, мислеа дека одам во Грција. Затоа би било убаво и кај нас да ја видат поставката и да им се претстави државата, како и нејзината историја...па ако сакате и проектот за кој зборуваме. Веројатно тоа и ќе се случи на ноемврискиот саем на уметност во Ница, кој се одржува веќе трета година“, истакнува авторот.

Тој и со забелешка дека прашањето дали постои кич во многу градови во светот е сè поприсутно во последно време. Се размислува и за тоа колку се запазени и колку се хумани пропорциите човек – град.

„Кичот може и да постои дури и кога има сразмерност. На пример, ако мене ме прашате, најголем дел од делата на Гауди во Шпанија се ектремно кичести, но тие се направени во минатото и историјата го дала својот ефект. Проблемот со Скопје е тоа што се е направено наеднаш и сега. Затоа и јас добив впечаток дека најголем дел од граѓаните и не го сакаат проектот и тоа го прави проблематичен дали ќе остане на подолг рок во иднината. Доколку остане, ќе остане – ќе стане дел од неа...но сметам дека кога нешто не се прифаќа и не мора да постои. Од таму и насловот на изложбата „...по која цена?“. Кога се подготвував за неа на многу места на интернет сретнав констатации дека Скопје е „европскиот Лас Вегас и главен град на кичот“. Тоа не е добро. Престојувајќи овде видов дека градот е многу повеќе од проектот „Скопје 2014“. Скопје е град со многу богата култура и мислам дека е жално сето тоа да исчезне зад лажните фасади. Жално е што ние не знаеме многу повеќе за традицијата, за културно историските споменици од минатото, за фрескосликарството... оној преубав спој меѓу Истокот и Западот. Ми се допаѓа посебно и тоа што во Македонија има многу подобар соживот меѓу христијаните и муслиманите, нешто што и не го гледаме во Франција. Затоа од она што го видов овде може да се живее како и во сите други европски земји“, констатира Гунон.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG