Достапни линкови

Одбраната во „Талир 2“ не сака Ристоска да биде обвинителка во случајот


Обвинителката Ленче Ристоска

Одбраната на обвинетите во случајот „Талир 2“, што досега го водеше СЈО, на денешното рочиште побара одложување на судењето поради промена на бројот на предметот и легитимноста на решението на државниот јавен обвинител Љубомир Јовески да ѝ го додели предметот на поранешната обвинителка од СЈО, Ленче Ристоска.

Ристоска на почетокот до судот го достави решението од Јовески дека таа е застапник на обвинението, но на тоа реагираше адвокатот на одбраната, Дончо Наков.

„Земајќи го предвид решението доставено од колешката Ристоска, со кое денеска се запознаваме, го известувам судот дека иницијалното полномошно со кое го застапувам мојот клиент е врзано со стариот број на предметот НСК 15/18 од СЈО, а не со предмет КО бр. 2917/19 на ОЈО Скопје. Барам судот да ми дозволи да го запознаам клиентот со ова и да добијам овластување“, изјави Наков.

Адвокатот Еленко Миланов, пак, посочи дека има законска пречка да се постапува по решението за распределба на обвинителката Ленче Ристоска и дека нема правна надлежност таа да го застапува обвинението.

Обвинителката Ленче Ристоска, рече дека е легитимно решението од државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, и посочи дека државното ЈО ги има преземено предметите од СЈО и има целосна надлежност, со што нема законска пречка ОЈО Скопје да го застапува.

XS
SM
MD
LG