Достапни линкови

„Јаху њуз“: Русија го хакирала ФБИ за да ги заштити руските шпиони во САД


Руската влада го хакирала комуникацискиот систем на ФБИ за да го спречи Бирото да ги следи руските шпиони што работат во САД, објави „Јаху њуз“, во својата, како што вели интернет медиумот, ексклузивна истражувачка сторија.

„САД во 2012 година станале свесни за целата сериозност на можноста на Русија да се пробие во одредени видови безбедносни комуникации и да ги следи уредите што ги користеле надзорните екипи на ФБИ, се вели во статијата. Покрај стравувањата дека Русите можеби имаат пристап до американските разузнавачки канали, властите верувале и дека руските шпиони можат да ги лоцираат тајните надзорни тимови на ФБИ и содржината на комуникациите на Бирото. Тоа на Русите освен што ќе им овозможело да го избегнат следењето и да комуницираат со човечки извори, ќе им дало и можност да собираат информации за своите гонители“, се вели во истражувањето на „Јаху њуз“.

Според сторијата, Русите првпат ги хакирале комуникациските системи на ФБИ во 2010 година, по апсењето и разоткривањето на група руски шпиони во САД.

„Таа година, ФБИ почнало да ги испитува напорите на Русија за регрутирање американски шпиони. Една од највисоките цели им бил американскиот консултант за нафтена индустрија Картер Пејџ, кој подоцна беше помошник за надворешна политика во кампањата на Трамп. ФБИ во 2013 година го информирало Пејџ дека Русите се обидуваат да го „култивираат“, но Пејџ ги игнорирал нивните предупредувања, па дури и јавно се фалел за своите врски со високи претставници на руската влада“, објави „Јаху њуз“.

Русите, додаваат од „Јаху“, ги хакирале помошните комуникациски канали што ги користело ФБИ, за што поранешен висок службеник за контраразузнавање, за „Јаху њуз“ рекол дека „САД тоа многу сериозно го сфатиле“.

Истрагата открила дека руското хакирање на комуникациските системи на ФБИ било клучната причина поради која администрацијата на Обама во декември 2016 година исфрли 35 руски дипломати и затвори два руски дипломатски објекти.

XS
SM
MD
LG