Достапни линкови

Опрема за училиштата во Битола за да бидат топ опремени како скопските


Кабинетите во стручните училишта во Битола добија смарт табли.

Дел од кабинетите во стручните училишта во градот добија нова опрема со софистицирани софтверски програми и смарт табли. Новата заменик министерка за образование Елизабета Наумовска, која е од Битола, вети дека ќе се погрижи и битолските училишта да бидат топ како скопските.

Преку нова компјутерска опрема се прави обид да се подигне колку е можно нивото на образование во стручните училишта и паралелки во Битола, како и интересот на учениците за упис. Така, на самиот почеток на учебната година, дел од кабинетите во стручните училишта во градот добија нова опрема со софистицирани софтверски програми, смарт табли, обезбедени преку Министерство за образование, Светска банка и Општината. Такви се школите СОУ „Таки Даскало“, насока за градежни и геодетски техничари и економското училишта „Јане Сандански“ за сметководствениот смер.

„Овие програми можат да ни помогнат за стекнување на знаења што ќе ни користат во иднина. Имаат апликации кои ни овозможуваат напредно цртање од областа на архитектурата и за првпат добиваме ваква опрема“, вели Димитра Ангeлин, ученичка од градежно-геодетската струка во СОУ„Таки Даскало“ во Битола.

Професорите сметаат дека со ваква опрема учениците ќе се стекнат со знаења кои се бараат на пазарот на трудот, а не само теорија.

„Струката е многу значаен елемент. Без современа опрема, нема современо знаење и завршените ученици нема да бидат барани на пазарот. Ја известуваме градежната фела дека во нашето училиште ќе се работи со висок степен на софистицирана опрема. Софтвер за секој ученик и наставник значи Европа во нашето образование“, рече Владо Ѓорѓиевски, директор на СОУ „Таки Даскало“.

Економското училиште за првпат годинава доби смрт табла.

„Во кабинетот по сметководство и практична настава ни е доделена смарт табла и десет компјутери кои ќе бидат со софтверска програма, каде учениците ќе го избегнат класичниот начин на предавање и ќе можат да ги користат најновите сметководствени програми“, рече директорот на Економското училиште Александар Цветковски.

Од Општина Битола додаваат дека со ребалансот на буџетот ќе обезбедат смарт табли за секое училиште.

„Општина Битола ќе продолжи да ги поддржува училиштата, со ребалансот на буџетот ќе се обезбедат средства за смарт табли во сите училишта. Досега се вложени 2,3 милиони денари во образовани институции за оваа учебна година за инфраструктурни зафати и различни основи, а во моментов течат и тендери за уште пет инфраструктурни зафати во школите“, рече градоначалничката Наташа Петровска.

Новата заменик министерка за образование Елизабета Наумовска, која е од Битола, вети дека ќе се погрижи и битолските училишта да бидат топ како скопските.

„Гледајќи низ Македонија каква е состојбата со училиштата по различни општини, Битола долго време беше запоставувана од претходната власт во однос на капитални инвестиции, средства за реконструкции, обнова на училишта и опремување. Ќе се трудам како што училиштата во Скопје се топ опремени, дел од тие капитални инвестиции да бидат наменети онаму каде што треба, во училиштата во Битола“, рече Наумовска.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG