Достапни линкови

Брачен пар од Шведска донира во училишта и болници во Битола


Брачниот пар Мариа и Томас Росенгрен од Стокхолм, Шведска.

Тие имаат повеќе донации во битолските училишта во износ од 140 000 евра, а во болниците низ земјава нивните донации се со десеткратно поголеми износи. Последната донација, сензорната соба чини 30 000 евра.

Триста и педесет деца од прво до петто одделение во основното училиште „Ѓорги Сугарев“ од Битола пред три години секој училишен ден беа сити благодарение на брачниот пар Мариа и Томас Росенгрен од Стокхолм, Шведска. Благодарение на нив, сега истото училиште доби сензорна соба по европски стандарди каде 40 ученици со посебни потреби ќе добиваат индивидуален третман.

„Родител сум на дете кое учи во ова училиште и ќе ги користи благодетите на сензорната соба. Голема предност е за кадарот што работи тука, а најмногу за дечињата. Оваа соба ќе ги смири, ќе ги развие нивните способности и стручниот кадар ќе работи во согласност со нивните потреби, дијагнози и желби“, рече Ана Крстевска.

Хуманитарката Мариа по потекло е битолчанка која пред 43 година се преселила во Шведска и таму се омажила за Швеѓанец со кого заедно започнале хумана мисија. За да ја им помогнат на училиштата и болниците во нашата земја формирале невладина организација „Од рака за рака“. Овој брачен пар три години со ред обезбедуваше ладен оброк за учениците, меѓу кои имаше и повеќе социјални случаи од ромското население, но и деца со посебни потреби. Годишно делеа по 121 000 ладни оброци.

„Нашата невладина организација има соработка со училиштето до 2013 година. Тие проекти се од поголем зафат. Отпочнавме со проектот „Да му се даде шанса на едно дете“ и тоа беше повик за нас да можеме да ги разгледаме условите и да видиме што е потребно за децата“, рече Мариа Росенгрен.

Имаат остварено повеќе донации во битолските училишта во износ од 140 000 евра, а во болниците низ земјава нивните донации се со десеткратно поголеми износи. Последната донација, сензорната соба чини 30 000 евра.

„Работевме од септември. Наменски ќе биде за децата со попреченост од ова училиште, а ќе се опфатат и други деца кои имаат потреба. Третманите се воведени во школската програма и таа овозможува на секое дете кое има потреба да добие третман во собата“, рече Росенгрен.

Мариа вели дека ги водела мислата на јужно африканскиот претседател Нелсон Мандела дека моќта е во учењето кое може да го промени животот, дека најсиромашен може да стане доктор ако се школува или од земјоделец претседател на држава.

Велат дека ако едно дете е нахрането тоа може да учи и да се развива. Прво донациите ги спроведувале со нивни пари, а сега донираат шведски организации како и македонски иселеници во странство.

Мариа во Шведска се отселила кога имала 20 години. Таму завршила факултет за менаџмент и други едукативни програми за директор. Станала успешен менаџер, но и имплементатор на ИСО стандардите во цела Скандинавија. Нејзиниот сопругот Томас многу добро зборува македонски јазик и ја следи во хуманитарната мисија.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG