Достапни линкови

Си-Ен-Ен: САД повлекле шпион од највисоките кругови во руската влада


Оперативецот не бил во најблиското опкружување на Путин, но имал пристап до важни документи

Соединетите држави повлекле „шпион од највисоките кругови во руската влада“ во 2017 година, затоа што американската разузнавачка служба стравувала дека претседателот Доналд Трамп и неговата администрација можеле да ја загрозат неговата безбедност, објави Си-Ен-Ен. Одлуката била донесена кратко по состанокот на кој претседателот Трамп неочекувано споделил доверливи американски разузнавачки информации со руски претставници, меѓу кои и шефот на руската дипломатија Сергеј лавров, кој денеска демантираше.

Си-ен-ен и Њујорк тајмс пренесоа дека изворот не бил во најтесниот круг на рускиот претседател Путин, но имал постојан пристап до него и дури можел да фотографира документи во неговиот кабинет. Оперативецот наводно работел за САД повеќе од една деценија, полека искачувајќи се по ранговите во руската влада.

ЦИА, која соопшти дека шпионот бил дел од нејзина операција, не го коментира објавеното од Си-Ен-Ен, а од Белата куќа изјавија дека „не само што извештајот не е точен, туку и дека може да доведе многу животи во опасност“.

Како што објави Њујорк тајмс, „изворот-оперативец пренел клучни информации до американските разузнавачи во 2016 година, кои донеле заклучок дека Путин лично го организирал руското мешање во американските претседателски избори“.

Според американските медиуми, се работи за Олег Смоленков. За случајот се огласи и Дмитри Песков, портпаролот на Путин.

„Вистина е. Смоленков работеше во администрацијата на претседателот, но пред неколку години е отпуштен со внатрешна наредба“, изјави Песков и додаде дека нема други информации за Смоленков и дека Смоленков не присуствувал на средбите со рускиот претседател, бидејќи неговата позиција не вклучувала контакти со претседателот.

Портпаролот на Кремљ, одговарајќи на новинарско прашање дали Смоленков бил шпион на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), наведе дека не може да потврди, бидејќи нема таква информација.

XS
SM
MD
LG