Достапни линкови

Боите на независноста


Централно одбележување на Денот на независноста - 8 Септември кај Школка во Градски парк во Скопје

Македонија денеска одбележува 28 години од својата самостојност.

Во Македонија денеска се празнува Денот на независноста -28 години од успешно спроведениот референдум во 1991 година на кој мнозинството граѓани донесе одлука за самостојна и суверена држава

Централната прослава ја организира Владата под мотото "Боите на независноста " и се одржува кај Школка во Градскиот парк во Скопје. Пред граѓаните се обрати премиерот Зоран Заев, а најавена е и богата културно-уметничка и забавна програма.

„На 8 септември 1991, Денот на независноста ни покажа дека слободата и самостојноста ги имаат најубавите бои", напиша денеска на Твитер Премиерот Зоран Заев по повод Денот на независноста.

Денот на независноста на граѓаните им го честита и Претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски. Тој повика да го обновиме единството што го имаше на почетокот на незвисноста и рече дека за трајно помирување е потребна ефикасна првада.

„Во 1991-та, во неизвесно време, ние, граѓаните, се обединивме околу идејата за своја, независна држава. Тогаш, големиот предизвик, наместо причина за поделби, стана повод за обединување, сите се собравме околу идејата за независна и суверена Македонија".

Низ годините, како што посочува претеседателот, имавме подеми и падови, и грешки и успеси, но, заедно, ги надминавме сите искушенија.

"Во 1991-та одбравме независност, во 2001-та меѓуетнички соживот. Денес сме пред портите на европските и евроатлантските институции. За да стигнеме до целта, треба повторно да го обновиме единството што го имавме на почетокот на независноста. За тоа ни е неопходно граѓанско помирување, а за трајно помирување потребна е ефикасна правда и државни институции со интегритет".

Oд ВМРО-ДПМНЕ по повод празникот повикаа дека сега е време кога треба да покажеме и докажеме со дела и работа колкава е љубовта кон нашата татковина. Додаваат дека време е сите да покажеме дека сакаме да живееме во просперитетна и демократска Република Македонија.

Овие турбулентни времиња, кога се оспорува македонскиот идентитет, јазик и историјата, докажуваат дека борбата за Македонија никогаш не завршува. Секоја генерација има своја битка и свои победи кои треба да ги извојува. На оваа генерација и беше наметната промена на името на државата и покрај тоа што власта не доби поддршка на референдум. . Наместо да се чува идентитетот, името, јазикот, културата и историјата, власта тргува со се што е свето, наведуваат од ВМРО ДПМНЕ во честитката.

8 Септември 1991 - 8 Септември 2019

На 8 септември 1991 година, во предвечерјето на распадот на СФРЈ, на спроведениот референдум над 95 посто од македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава .

Следен важен чекор во зацврстувањето на државата беше усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година. Десет години подоцна, Уставот беше надополнет по конфликтот во 2001 и потпишувањето на Рамковниот договор.

Под покровителство на ОН, Скопје и Атина во 1993 година почнаа разговори за решавање на проблемот со неприфаќање на уставното име на државата од Грција и по повеќедецениски преговори, минатата година на 17 јуни во Преспа беше потпишан договор меѓу двете држави за решавање на спорот со името.

Денес, земјава е пред вратите на евроските и евроатланските интеграции. Сите држави членки на Алијансата треба наскоро да го ратификуваат Протоколот за членство, и се очекува земјава да стане 30. членка на НАТО, а по извештајот на Европската комисија за напредокот на државата, очекувањата се дека земјава ќе добие и датум за почеток на преговорите со Европската унија.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG