Достапни линкови

Обвинение против ЕСМ и екс директор на РЕК Битола поради загадување


РЕК Битола

Јавното обвинителство во Битола поднесе кривична пријава против Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) и против поранешен директор на РЕК Битола за кривично дело Загадување на животната средина и природата, соопшти денеска Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Во соопштението е наведено дека обвинителниот акт е поднесен до Основниот суд во Битола, бидејќи во периодот од јануари 2015 година до 7 февруари 2017 година на обвинетиот директор на РЕК Битола, подружница на АД за производство на електрична енергија ЕСМ, како одговорно лице му било доверено извршување на законските и подзаконските прописи за управувањето, користењето и располагањето со имотот, раководењето со производниот потфат и надзор „во име и за сметка на обвинетото правно лице“, стои во соопштението.

„Но, тој притоа не се придржувал кон прописите за заштита на животната средина и дозволил користење на погон кој ја загадува животната средина, па спротивно па спротивно на член 6, член 13, член 14 и член 15 од Законот за заштита на животната средина, дозволил отпепелувањето на пепелта која се добива во процесот на производство на електрична енергија од јаглен во РЕК Битола на одлагалиштето за пепел да се спроведува без да се почитуваат утврдените правила и процедури за навремено покривање на пепелта со јаловина со континуирано и постојано работно ангажирање на потребната механизација на одлагалиштето“, се вели во соопштението.

Исто така се вели дека обвинетиот како директор на РЕК Битола не презел мерки за непречено обезбедување на механизација на лице место и покрај тоа што Секторот за отпепелување во рамките на ПЕ Термоелектрана при РЕК Битола постојано барал ваква механизација и како резултат на тоа на одлагалиштето во наведениот период биле одлагани големи количини пепел кои во март 2017 година достигнале површина од 50.000 м2.

„При воздушни струења пепелта се разлетувала во околината, со што е предизвикана опасност за животот и здравјето на вработените во РЕК Битола и луѓето кои живеат во населените места околу РЕК Битола. Имено, летечката пепел која се создава со согорување на јагленот содржи сулфур диоксид, азот диоксид и тешки метали чие вдишување предизвикува влошено респираторно и кардиоваскуларно здравје на населението кое работи и живее во близина на термоелектраните како РЕК Битола“, се вели во соопштението.

XS
SM
MD
LG