Достапни линкови

Кежаровски незадоволен од одлуката да не му се суди за „Ликвидација“


Архивска фотографија- Протест против пресудата од две години затвор за новинарот Томислав Кежаровски, јануари 2015 година

На новинарот Томислав Кежаровски нема да му се суди за случајот „Ликвидација“, поради застарување на кривичното дело. Судењето запира и за поранешниот истражен судија Валентин Зафиров, за адвокатот Сашко Лазаров и за Јане Павловски – Тица. Јавниот обвинител на денешното рочиште побара од судот да констатира дека кривичните дела кои ги сториле треба да се прогласат за застарени дела.

Кежаровски денеска реагираше незадоволен од ваквата одлука наведувајќи дека тој сакал шанса да докаже дека е невин пред судот, а не судењето да запре.

„Во 2013 година ме осудија на 4,5 години затвор, во 2015 година Апелација кажа „само“ две години..А денеска обвинителството „на Русковска“ ме осуди на казна доживотен затвор“, реагираше Кежаровски на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук.

Инаку, случајот „Ликвидација“ се однесува за предметот кој е поврзан со убиството на Лазар Милошевски од 2005 година во велешко Ореше, во кој вкупно осум лица беа осудени за различни кривични дела.

Во 2013 година обвинетиот Валентин Зафиров доби казна од пет и пол години за неовластено оддавање информации и податоци за сведоците и противправно посредување, а новинарот Томислав Кежаровски – четири и пол години затвор, бидејќи според пресудата тој во 2008 година во два последователни броеви на ревијата „Репортер 92“ го оддал идентитетот на заштитениот сведок во овој судски предмет.

XS
SM
MD
LG