Достапни линкови

Заев ги претстави новите министри, ВМРО-ДПМНЕ му побара оставка


Кандидатите за нови министри во делот на финансиите и подобрувањето на инвестициската клима ќе бидат сериозно засилување на владиниот капацитет, рече денеска премиерот Зоран Заев, образложувајќи пред пратениците зошто ги предложил Нина Ангеловска и Хисен Џамаили за овие позиции.

По обраќањето на премиерот, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, рече дека земјава се наоѓа во политичка агонија која мора што побрзо да заврши и затоа побара оставка од премиерот Заев.

„Правниот систем не е разнишан, туку разнесен. Се знае кои министри договарале процедури во судските постапки. Најдобро во овој момент и за земјата и за граѓаните и за економијата и за СДСМ е што побрзо да заврши оваа политичка агонија. Време е да поднесете оставка и не мора да го поврзете тоа со ваша политичка или морална одговорност“, рече Димовски.

Заев му одговори со паралела „како е сега во однос на транспарентноста и работењето на судството, а како било во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ“.

„За разлика од тогаш, премиерот сега е пријавител на случајот, овозможено е целосно независно транспаренто работење на јавното обвинителство, без каква било пречка, низ истрага, да ги докаже сите аргументи. Тоа се сериозен предизвик за секоја држава и за нас. Ќе покажеме дека овој предизвик е овозможен тука“, рече Заев.

Во рамки на денешната 110. седница треба да бидат избрани и Кирил Колемишевски за заменик-министер за економија, Елизабета Наумовска за заменик-министер за образование и наука и Неџад Мехмедовиќ за заменик-министер за политички систем и односи меѓу заедниците.
Пратениците треба да изберат и нов вицегувернер на Народната банка за што е предложен Фадил Бајрами.

XS
SM
MD
LG