Достапни линкови

Ахмети - Последните настани со „Рекет“ не се сценарио


Али Ахмети

Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети смета дека последните настани со случајот „Рекет“ и притворањето на специјалната обвинителка Катица Јанева не се сценарио, туку сплет на околности кои треба до крај да се расветлат.

„Пред лицето на правдата треба да биде изведен секој кој ги прекршил законите. Не сметам дека ова е сценарио на некакви кругови и наметнато од страна. Тоа настанало во околности кои треба да се истражат и расветлат. Тука станува за личната алчност на поединци. „Алчноста го уништува човекот“ е израз на нашиот народ со кој сè се објаснува. Секако дека е скандал и тоа ме разочара“, рече Ахмети.

Тој во изјавата за актуелните состојби во земјава по посетата на гостиварските села Лакавица и Србиново ја потенцираше важноста од ветингот, што неговата партија го турка во јавноста.

„Ветингот се обидуваме да го инсталираме подолго време и тој да не биде само за обвинители, судии, туку и за сите политичари кои ќе раководат со државата. Тоа е еден вид скенер кој ќе ни покаже кои се идните раководители“, рече Ахмети.

Тој на селаните од двете села во гостиварската општина им најави дека добил ветување од директорот на „Македонија пат“ дека покрај асфалтирањето на пет километри од локалниот пат, наскоро ќе продолжи со уште два километри.

XS
SM
MD
LG