Достапни линкови

ОЈО го осудува нелегалното објавување документи за Рекет


Прес-конференција во Основното јавно обвинителство за случајот Рекет.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција најостро го осудува објавувањето на нелегално добиени документи од истрагата за предметот „Рекет“. Медиуми синоќа објавија документ, за кој тврдат дека е од пријавата на случајот од страна на бизнисменот Орце Камчев пред Обвинителството.

Од Обвинителството соопштуваат дека нема да ги коментираат информациите изнесени во јавноста, но потенцираат дека откривањето на доверливи информации од страна на поединци претставува опасност и штета за севкупниот општествен систем и е кривично дело.

„Со протекување на ваков вид документи се повредува пресумпцијата на невиност, се загрозуваат животи на инволвираните лица и воопшто сe отежнува текот на постапката“, се вели во соопштението.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе утврдува како овие документи се протечени во јавноста и ќе бара одговорност од сторителите.

Во рекацијата на ОЈО се наведува дека објавувањето на нелегалните документи освен како моментална сензација, не придонесуваат во остварување на каква и да е друга цел.

Од Обвинителстовото појаснуваат дека досега објавувале детали во рамки на можностите, и посочуват дека само официјално добиените информации од обвинителството се веродостојни.

„Ваквите неодговорни извори на информации и медиуми со ограничена цел, нема да влијаат врз решеноста на обвинителството овој случај да добие комплетна завршница. Дотолку повеќе што зад исходот на овој предмет стои посветеноста и енергијата на севкупното обвинителство решено да го оправда своето име и да и застане на патот на корупцијата“, стои во соопштението.

Порталот Инфомакс синоќа објави факсимил, за кој пишува дека е од записник за примање кривична пријава од Камчев, дадена пред ОЈО на 2 мај 2019. Но се гледа само една страница од документот, а медиумот објавува делови од пријавата, кои не може да се прочитаат на таа страница. Во делот кој може да се прочита Камчев објаснува, како што пишува, како бил уценуван за да изнудат од него голема сума пари. Во тој дел што е објавен се читаат имињата на Бојан Јовановски и Зоран Милески, кои се осомничени во „Рекет“, потоа се споменува и името и на синот на сега притоворената обвинителка Катица Јанева, имиња и на други бизнимени , кои според Камчев биле рекетирани.

XS
SM
MD
LG