Достапни линкови

Како дo побезбедно онлајн купување?


Онлајн купувањето станува сè поактуелно, но потрошувачите се уште не се чувствуваат безбедно и постои страв од е-трговија. Но, ако имате дигитални вештини, можете и сами да се штитите од потенцијални измами, вели Нина Ангеловска, претседателка на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.

Дигитализацијата го олеснува начинот на пазарење. Денес од дома може да се нарача оброк, облека, намирници, часовници... Ова може да си го дозволи секој со интернет пристап и платежна картичка. Па така, онлајн трговијата во Македонија станува сè поактуелна. Според последната статистика објавена во ноември, 31,6 проценти од Македонците со интернет пристап направиле онлајн нарачка. Споредбено со истиот период претходната година, постои позитивен тренд поточно раст од 62 отсто, кога 19,5 проценти од интернет корисниците направиле онлајн нарачка.

„Што значи дека има придвижување, и она што е позитивно за македонските е-продавници е дека структурата на тоа каде купувале Македонците се менува во полза на македонските е-продавници, односно за разлика од лани повеќе оваа година купувале од домашни продавници или од македонски е-трговци“, изјави претседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, Нина Ангеловска.

Меѓутоа, македонските онлајн купувачи треба да посветат повеќе внимание при тргувањете на интернет. Според анализите на АЕТМ, потребна е повисока дигитална писменост за да може да се заштитат купувачите од измами. Ова го докажа и неодамнешната поголема измама со карти од авиокомпанијата „Виз Ер“. Како потсетување, во јуни лани на социјалните мрежи се појави лажна интернет страница која нудеше два авионски билета за само еден долар, наведувајќи дека тоа е во рамки на 15-годишнината на компанијата. Многумина купија билет и ги оставија своите податоци од платежните картички. Отпосле, реагираа до своите банки да ги блокираат картичките. Наредниот ден пак, банките предупредија да внимаваат граѓаните при онлајн купување.

„Секако дека треба да се работи на зголемување на дигиталните вештини на населението за да може, не само повеќе да купуваат онлајн, туку да бидат повеќе вклучени во целиот процес на дигитализација, бидејќи сметам дека напредокот на Македонија јас го гледам кон едно дигитално општество. Гледаме дека државите кои што имаат пониско ниво на едукација на населението особено во светот на дигитализацијата ризикуваат социјална исклученост, така што сметам дека таму треба да се фокусираме и тоа го гледам како еден од главните предизвици на Македонија, дека мора да работиме на едукацијата на населението“, истакна Ангеловска.

АЕТМ заедно со Државниот пазарен инспекторат заклучиле дека според претставките од граѓаните до Инспекторатот, најранливи се купувачите кои прават нарачки преку Фејсбук. Проблемот кај тие нарачки е што плаќаат на врата, не добиваат фискална сметка или потврда за производот, па не ни можат да го вратат доколку не соодветствува со нарачката и да ги остварат своите права како потрошувачи.

Она што е клучно при онлајн купувањето е внимателно разгледување на производот и продавачот, и тоа најчесто преку коментари и оценки од други купувачи.

„Потоа другиот потенцијален дел каде што потрошувачите се можеби некогаш измамени и поднесуваат претставки е кога нарачуваат од странски интернет сајтови и потоа поднесуваат претставки до Државниот пазарен инспекторат кој што нема надлежност како било да им помогне кога нарачале од странски компании. Што значи дека треба потрошувачите малку повеќе да се едуцираат каде нарачуваат. Не може да добиете брендирани алишта за смешни цени. Така што мојот совет е граѓаните да внимаваат каде нарачуваат. Јас не би кажала да се плашат, туку да не се плашат да купуваат онлајн ако купуваат од проверени веб-сајтови. Сега има начин да проверат коментари, рејтинзи на тие сајтови. Потрошувачот веќе во новиот дигитален свет е помоќен од кога било и има пристап до повеќе информации од кога било порано. Би рекла да ги користат тие средства кои им се на располагање за повеќе да се информираат пред да се впуштат во купување“, наведува претседателката на АЕТМ.

Дополнително, Ангеловска потсети дека безбедноста сега е зголемена откако банките воведоа и нов протокол при онлајн трансакции, односно двојна верификација. Поточно, за да платите онлајн ви пристигнува СМС код на вашиот телефонски број за да потврдите дека вие ја правите трансакцијата.

„Тоа е еден чекор плус за двојната потврда на плаќачот, односно купувачот. Што се однесува до тоа како се процесираат трансакциите, на пример еве јас од искуството би кажала дека ние немаме никаков пристап до податоците на платежните картички кои што ги оставаат граѓаните на сајтот, тие податоците се пренесуваат директно преку безбедносен протокол до банката која ја процесира трансакцијата“, додаде Ангеловска.

XS
SM
MD
LG