Достапни линкови

Вести

Грција постави услов за почеток на преговорите на ЕУ со Албанија

Почитувањето на правата на грчкото малцинство е услов за добивање на датум за преговори за влез на Албанија во ЕУ, напишал грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во писмото до друштвото на грчкото малцинство во Албанија, „Омонија“, пренесе тиранската ТВ Ора њуз.

„Главна загриженост на грчката Влада и моја лична е ефикасна заштита на малцинските и имотните права на грчкото национално малцинство во Албанија, што е услов за започнување на преговорите за интеграција на Албанија во ЕУ. Владата и Нова демократија со политичка волја секогаш ќе бидат на страната на грчкото малцинство во Албанија, од секој аспект“, стои во писмото на Мицотакис.

Грчкиот премиер во писмото додава дека билатералните односи меѓу двете држави дополнително ќе се развиваат и зајакнуваат, не само во однос на интеграцијата на земјата во ЕУ, туку и пошироко, што според него, ќе ги фаворизира и малцинствата и напредокот на двете земји.

види ги сите денешни вести

Британско разузнавање - Во Макијивка на Нова година најверојатно биле убиени 300 Руси

Британското Министерство за одбрана во својот дневен билтен за разузнавање на 28 јануари соопшти дека Русија најверојатно изгубила околу 300 војници во украинскиот напад врз објект за сместување војници во Макијивка на 1 јануари.

Министерството процени дека повеќето од жртвите се убиени или исчезнати, а не ранети.

Русија тврдеше дека 89 војници биле убиени во нападот, додека украинската војска и воените блогери кои се про-Кремљ велат дека околу 400 војници загинале или биле ранети во артилерискиот напад.

„Разликата меѓу бројот на жртви што Русија ги призна и веројатниот вистински вкупен број го нагласува распространетото присуство на дезинформации во руските јавни соопштенија“, се вели во извештајот на британското разузнавање.

Во него се додава дека Русија презеде редок чекор да признае дека претрпела жртви бидејќи „официјалните лица веројатно оцениле дека не е изводливо да избегнат коментари, соочени со широките критики на руските команданти за инцидентот“.
Градот Макијевка, е под контрола на Москва, во областа Доњецк.

Временска прогноза – Студено, на места со слаб снег

Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, на места со провејување на слаб снег. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец, соопштува Управата за хидрометеоролошки услуги. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 0 до 7 степени.

Во Скопје променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од северен правец. Температурата ќе достигне до 4 степени.

Ќе се задржи студено време, со утрински температури кои насекаде ќе бидат под нула, а услови за повремен снег ќе има во вторник.

Пендаровски: Одредени субјекти во Бугарија го искористија случајот со Пендиков за политички цели

Стево Пендаровски, претседател на РСМ

Одредени политички субјекти во Бугарија, локалниот инцидент во Охрид се обидуваат да го стават во политички контекст и да го политизираат за да добијат политички поени на краток рок, смета претседателот Стево Пендаровски.

„Јас можам да разговарам за моето соопштение во кое направив неколку елементи, следејќи го соопштението на ОЈО Охрид. Прво, осудив чин на насилство, кој е наспорен, бидејќи дечкото има тешки телесни повреди. Второ, кажав дека е секретар на клубот на Бугарите во Охрид, затоа што ОЈО Охрид тврдеше дека така почнал инцидентот, дека му рекле „не ти е срам да се пишеш Бугарин“. Значи го следев она што го кажува официјален државен орган. И во третиот дел, ги повикав надлежните органи да го расчистат целиот случај и виновните, не велам кој е виновен, да сносат санкции“, рече вечерва Пендаровски во гостувањето на Топ Тема, говорејќи за инцидентот во Охрид во кој беше претепан генералниот секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, Христијан Пендиков.

Според претседателот, станува збор за историски наративи или разбирање на односите меѓу нашата држава и Бугарија. Втората причина според претседателот, се повторно закажаните избори во Бугарија за 2 април, кога, како што рече, секој од овие помали политички субјекти се обидуваат да капитализираат на вакви инциденти, бидејќи немаат друга политичка агенда.

„Ова им е единствена храна со која се хранат и само со таква радикална агенда можат да добијат едно или две места во бугарскиот Парламент. Со злоупотреба и политизација на овој случај можеби ќе успеат“, рече Пендаровски во интервјуто.

Пендиков, кој се здоби со повреди при тепачката во Охрид, минатата недела беше префрлен на лекување во Софија. Веднаш потоа Бугарија го повлече од Македонија нивниот амбасадор Ангел Ангелов, соопштувајќи дека тој ќе остане надвор од Скопје се додека Софија не види знаци на промена во Скопје.

Нема одлука за влез на Алијанса за Албанците во Владата, формиран е тим за преговори

Арбен Таравари, претседател на Алијанса за Албанците

Алијанса за Албанците формира тим кој ќе преговара за евентуалното влегување на партијата во Владата, беше соопштено по вечерашната средба на партиското претседателство во Тетово. Лидерот на АА, изјави дека денеска и во деновите од викендот ќе се прецизира стратегијата со која ќе настапат во преговорите, кои ќе бидат нивните барања и приоритети, а потоа и за кадровските решенија.

Таравари најави дека во меѓувреме ќе организира и внатрепартиски референдум на кој, како што наведе, 11.500 партиски членови ќе можат да го искажат своето мислење.

Во врска со нивното барање за обезбедување на мнозинство со Собранието за уставни измени, Таравари кажа дека се уште го нема, но оти треба да се даде шанса за да се обезбеди потребниот број пратеници.

Лидерот на Демократскиот Сојуз, еден од коалициските партнери во Владата деновиве изјави дека ќе подржи реконструкција на Владата само ако има соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници во власта и во другите институции. Партијата Алтернатива, која исто така е една од членките на владината коалиција, во понеделникот изрази резерви кон вклучувањето на АА во Владата, оценувајќи дека нејзината улога би била „да го амортизира расколот во ДУИ“. Поддршка за проширување на владината коалиција со Алијанса за Албанците не даваат нити тројцата пратеници од таканаречената „Огнена група“ од ДУИ која ја сочинуваат Изет Меџити, Кастриот Реџепи и Мерита Колчи Коџаџику.

САД воведоа санкции за радикалите Радета и Јојиќ

Вјерица Радета во судот во Белград, за поддршка на радикалниот лидер Воислав Шешељ, септември 2021 година

Соединетите Американски Држави воведоа санкции за членовите на Српската радикална партија и поранешните пратеници во српското Собрание, Вјерица Радета и Петар Јојиќ, поради нивната вмешаност во корупција, објави американскиот Стејт департмент на 27 јануари.

„Додека беа пратеници во српскиот парламент, Радета и Јојиќ ги поткупуваа и заплашуваа сведоците на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија со цел да ги одвратат од изнесување инкриминирачки докази против лидерот на Српската радикална партија, Воислав Шешељ, кој подоцна беше осуден за воени злосторства“, се наведува во изјавата на портпаролот Нед Прајс.

Се додава дека однесувањето на Радета и Јојиќ го попречувало судскиот процес, поради што Трибуналот во Хаг распишал меѓународни потерници за нивно апсење, како и дека ја загрозувало регионалната стабилност и негативно влијаело на интересите на САД.

Санкциите го опфаќаат и синот на Петр Јојиќ, Гојко Јојиќ.

Во изјавата се нагласува и дека санкциите ја потврдуваат „посветеноста на САД во борбата против корупцијата која му штети на јавниот интерес, го попречува економскиот просперитет на партнерите и ја ограничува способноста на владите ефективно да одговорат на потребите на граѓаните“.

Како што се наведува во соопштението, САД ја поддржуваат демократијата и владеењето на правото во Србија и продолжуваат да бараат одговорност за оние кои ја злоупотребуваат јавната моќ за лична корист.

Писториус: Германскиот одбранбен фонд не е доволен

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус

Специјалниот одбранбен фонд на Германија од 100 милијарди евра (108 милијарди долари) повеќе не е доволен за покривање на нејзините потреби, изјави новиот министер за одбрана Борис Писториус во интервју за Зидојче цајтунг на 27 јануари, пренесува Ројтерс.

Писториус, кој ја презеде функцијата минатата недела по оставката на Кристин Ламбрехт, исто така рече дека Германија ќе мора да ги зголеми годишните редовни трошоци за одбрана од сегашното ниво од околу 50 милијарди евра.

На прашањето дали Германија ќе испрати борбени авиони во Украина, по барањето на Киев откако Германија одобри испорака на тенкови Леопард 2 претходно оваа недела, Писториус рече дека тоа „не доаѓа предвид“.

„Ловците се многу посложени системи од борбените тенкови и имаат сосема поинаков дострел и огнена моќ“, рече Писториус во интервјуто.

Министерот за одбрана, исто така, рече дека Германија треба да ги надополни залихите на воена опрема, вклучително и замена на 14-те тенкови Леопард што Берлин одлучи да ги испрати во Украина за да помогне во одбивањето на руската инвазија.

Одлуката на Германија да ја прекине задолжителната воена служба во 2011 година беше грешка, додаде Писториус, велејќи дека не сака да го стави товарот на помладите генерации, но дека е отворен за разговори за нов модел за зајакнување на односите меѓу граѓаните и државата.

Новиот министер за одбрана, Борис Писториус, е член на Социјалдемократската партија на канцеларот Олаф Шолц и е министер за внатрешни работи на Долна Саксонија од 2013 година.

Курти за РСЕ: Предупредени сме за можноста за намалување на меѓународната поддршка

Косовскиот премиер Албин Курти во интервју за РСЕ, 27 јануари 2023

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека добил предупредувања за можноста за намалување на поддршката од Западот, доколку Косово не биде конструктивно во однос на преговорите со Србија. Сепак, тој изрази уверување дека Косово се покажува како конструктивна страна во овој процес.

Курти во интервју за Радио Слободна Европа вели дека не бил поканет на средбата што ќе ја организира Американската амбасада во Приштина на 31 јануари, а на која ќе се разговара за создавање Заедница на општини со српско мнозинство на Косово.

Курти вели дека оваа средба е резултат на инсистирањето на претставникот на Соединетите Американски Држави за Западен Балкан, Габриел Ескобар и оти од него очекува да каже во Белград дека Србија треба да го признае Косово, а не да каже во Приштина дека ќе дојде до формирање на таа Заедница, без разлика на премиерот на Косово.

Говорејќи за европскиот план за нормализација на односите Косово-Србија, Курти рече дека тој не му бил претставен во форма на „земи или остави“, туку како платформа за понатамошна дискусија. Тој повтори дека европскиот предлог е добра основа за разговори, но рече дека не содржи се што би сакало Косово. Курти рече и дека очекува интензивен дијалог со Србија, за да се постигне договор во наведената временска рамка, а тоа е март 2023 година.

Специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина Мирослав Лајчак вчера изјави дека германско-францускиот план во суштина е план за нормализација на односите меѓу Србија и Косово и дека содржи 11 поени. Тој за приштинската телевизија Клан Косова изјави дека тие точки прво им биле презентирани на двете страни во септември, додека документот од декември вклучувал приговори од двете страни на првиот нацрт на планот.

Зеленски ја поздрави полската испорака на тенкови во Украина

илустрација

Полска ќе и испорача на Киев дополнителни 60 тенкови за одбрана од руска агресија, а потегот на Варшава го поздрави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Благодарност до Полска за важната одлука да испорача 60 тенкови во Украина - од кои 30 се познатиот ПТ-91 Тварди, заедно со 14 леопарди“, напиша Зеленски на Твитер на 27 јануари.

Претходно оваа недела, на Украина и беа ветени борбени тенкови од Германија и Соединетите Држави.

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки најави испорака на тенковите на 26 јануари, во интервју за канадската CTV News.

„Во моментов сме подготвени да испратиме 60 наши модернизирани тенкови, од кои 30 се ПТ-91. И згора на тоа, 14 тенкови Леопард 2“, рече тој.

Тенковите што Полска веќе ги испрати се претежно советски модели Т-72, од кои PT-91 е модернизирана верзија.

По неколкунеделни дипломатски расправии, САД и Германија најавија испорака на нивните тешки тенкови Абрамс и Леопард на Украина на 25 јануари. Овој потег се смета за пробив во напорите за поддршка на разурнатата Украина од војната.

Исто така, Германија им дозволи на другите земји да испратат тенкови Леопард од германско производство во Украина. Украинските воени команданти изјавија дека оружјето ќе помогне во контраофанзивата и ќе го намали бројот на убиени украински војници во војната.

Војната во Украина започна на 24 февруари 2022 година. Рускиот претседател Владимир Путин ја нарекува војната „специјална воена операција“ за демилитаризација на Украина.

Маричиќ: Заострувањето на односите меѓу Софија и Скопје нема да го попречи процесот на уставни измени

Бојан Маричиќ

Најновото заострување на односите меѓу Софија и Скопје нема да го попречи отворањето на процесот на уставни измени, вели во интервју за ТВ Телма вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, според кого институциите реагираа, а политичарите го осудија претепувањето на Христијан Пендиков во Охрид по што, Северна Македонија и Бугарија треба да го чуваат пријателството.

Во таква атмосфера, вели тој, би требало во скоро време да бидат и формулирани уставните измени.

„Секако дека не е пријатно, не е позитивно и не е добро, но мислам дека сега засега и самиот министер и премиерот исто така го кажаа тоа, дека тие не гледаат причина да преземаат некакви мерки, надвор од тоа што е запишано во заклучоците и во Преговарачката рамка. Затоа беше важно за да се заштитиме ние од дневно-политички изјави и ситуации на тензија и набој, да ги имаме овие обврски јасно напишани и од наша страна и од страна на Бугарија, за да го зачуваме духот на пријателството на кое работиме на него дури и во вакви услови“, вели Маричиќ.

Според вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, последното зголемување на тензиите на релација Софија – Скопје не е закана за евроинтегративниот процес на Македонија. Тој вели дека штом ги завршиме уставните измени, треба да започне отворањето на Кластерот 1 и на другите кластери, а дотогаш очекува скрининг извештаи за два кластери, за внатрешен пазар и за темелни вредности.

Ковачевски-Донев: Мирно и непречено чествување на роденденот на Делчев, санкции за секој кој ќе ја наруши безбедноста

Премиерите на Северна Македонија и Бугарија, Димитар Ковачевски и Галаб Донев

Премиерите на Бугарија и на Северна Македонија, Галаб Донев и Димитар Ковачевски, денеска имале телефонски разговор за актуелните случувања во односите меѓу двете земји.

„Премиерот Ковачевски во разговорот со техничкиот премиер Донев потенцираше дека Република Северна Македонија, согласно уставното уредување гарантира остварување на правата на секој граѓанин кој живее во државата. Во контекст на случувањата и претстојното чествување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, беше потенцирано дека активностите на поединци, без разлика дали се граѓани на Република Бугарија или на Република Северна Македонија кои ќе бидат во насока на оневозможување на мирно и безбедно чествување на празникот, ќе бидат соодветно санкционирани, како што се очекува да постапи и бугарската страна“, се вели во соопштението од прес службата на македонската Влада.

Прес-службата на бугарската Влада соопшти дека двајцата премиери разговарале за потребата претстојните празнувања на 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев да се одвиваат мирно и непречено.

„Донев и Ковачевски разговараа и за придобивките од подлабоката соработка меѓу двете земји во областа на безбедноста, особено во случаите на криминални дејствија или закани врз граѓани на Република Северна Македонија со бугарски идентитет. Во разговорот, премиерот Донев повторно потсети на очекувањата, Република Северна Македонија да ги преземе неопходните активности за ставање крај на говорот и актите на омраза, како и за почитување на правата на македонските Бугари,“ се наведува во соопштението од прес-службата на бугарската влада.

Во таа насока, в понеделник на 30 јануари вршителот на должноста вицепремиер и министер за внатрешни работи на Бугарија Иван Демерџиев и претседателот на државната агенција „Национална безбедност“ Пламен Тончев ќе имаат работна средба со своите македонски колеги во Скопје на која ќе ги прецизираат заедничките активности за да се гарантира мирно и безбедно одбележување на 4 февруари.

Бугарската фондација „Македонија“ повика на организирана посета на Бугари на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје на 4-ти февруари, а Советот за безбедност го прогласи за настан од висок безбедносен ризик поради влошувањето на македонско-бугарските односи во последниот период.

Советот на ЕУ ја продолжи серијата санкции против Русија за шест месеци

илустрација

Советот на Европската унија ги продолжи санкциите за одредени сектори на руската економија за шест месеци, односно до 31 јули.

„Санкциите, кои првпат беа воведени во 2014 година по анексијата на полуостровот Крим, значително се проширени од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година“, се вели во соопштението на Советот на ЕУ.

Санкциите вклучуваат ограничувања на трговијата, финансиите, технологијата, индустријата, транспортот и луксузните стоки, забрана за увоз или транспорт по морски пат на сурова нафта и одредени нафтени деривати од Русија во Европската унија, како и прекинување на трансакциската мрежа СВИФТ за неколку руски банки, како и прекин на емитувањето на одредени содржини од Русија.

Во соопштението се наведува дека покрај економските санкции против Руската Федерација, ЕУ има различни видови мерки како одговор на дестабилизирачките акции на Русија против Украина.

Тие вклучуваат ограничувања на економските односи со незаконски анектираниот Крим и градот Севастопол, како и областите кои не се под контрола на владите на Донецк и Луганска област, потоа индивидуални рестриктивни мерки (замрзнување на средства и ограничувања за патување) за широк список на поединци и субјекти и дипломатски мерки.

Од 24 февруари, ЕУ усвои серија остри пакети санкции како одговор на руската инвазија на Украина.

„Соочени со руската агресивна војна, ЕУ цврсто стои до Украина и нејзиниот народ и е непоколеблива во поддршката за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници“, се додава во соопштението.

Ѓоковиќ вели дека сликите од неговиот татко биле „погрешно протолкувани“

Новак Ѓоковиќ

Тенисерот Новак Ѓоковиќ изјави дека фотографијата на која неговиот татко со неговите фанови го држи руското знаме е „погрешно протолкувана“ и дека се надева дека сепак ќе може да присуствува на финалето на Австралија опен.

Претходно денеска таткото на Ѓоковиќ објави дека „сака само мир“ и дека „нема намера да предизвикува немири“. Тој не присуствуваше на победата на неговиот син во полуфиналето на Мелбурн Парк.

„Видов како што сите други видоа што се случи и штета е што погрешното толкување на она што се случи ескалира на толку високо ниво. Татко ми, целото мое семејство помина низ неколку војни. Како што рече татко ми во изјавата, ние сме против војна. Никогаш нема да поддржиме никакво насилство или војна“, додаде Ѓоковиќ.

Тој рече дека неговиот татко ги поздравувал навивачите пред арената Род Лејвер по секој натпревар што го играл за да им се заблагодари за поддршката.

„Се надевам дека луѓето ќе разберат дека немаше намера да се поддржат какви било воени иницијативи“, додаде Ѓоковиќ.

Срѓан Ѓоковиќ од дома го следеше мечот на својот син Новак Ѓоковиќ на тенискиот Грен слем турнир Австралија опен за да избегне „непријатности “ откако беше фотографиран со навивачите како држат слика од рускиот претседател Владимир Путин.

Тој е фотографиран покрај маж кој држи руско знаме со ликот на Путин на него, откако Новак Ѓоковиќ го победи рускиот тенисер Андреј Рубљов во средата, на 25 јануари.

Софиското обвинителство поведе предистрага за закани против Пендиков

Министрите Османи и Милков во посета на Христијан Пендиков во болница во Софија

Окружно јавно обвинителство на Софија поведе предистражна постапка поради закани по животот упатени кон Христијан Пендиков, кој беше повреден во инцидентот пред угостителски објект во Охрид на 19 овој месец.

Како што информира портпаролката на Јавното обвинителство, Сијка Милева, Пендиков поднел пријава до Генералната дирекција за борба против организираниот криминал (ГДБОП) при бугарското Министерството за внатрешни работи дека во објава на социјална мрежа „му била упатена заканувачка порака на македонски јазик“, како и дека на интернет биле објавени негови фотографии со повици за „насилство врз него“.

Според Милева, надлежниот јавен обвинител наредил ГДБОП да извиши увид по пријавата.

„Обвинителството на Република Бугарија ја претвори во своја кауза поведувањето постапки против злосторствата од омраза, со кои се соочува и целата европска заедница“, додаде Милева.

Пендиков, кој се здоби со повреди при тепачката во Охрид, минатата недела беше префрлен на лекување во Софија.

Едно лице загина во амбасадата на Азербејџан во Иран

илустрација

Еден службеник за безбедност загина, а двајца чувари се ранети кога напаѓач вооружен со автоматска пушка упадна во амбасадата на Азербејџан во главниот град на Иран, Техеран. Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев го нарече нападот на 27 јануари „терористички чин“, а Баку брзо објави дека го евакуира персоналот на амбасадата, обвинувајќи го Иран за инцидентот.

„Напаѓачот го пробил стражарското место, убивајќи го шефот на обезбедувањето со автоматска пушка „Калашников“, соопшти азербејџанското Министерство за надворешни работи.

Иранската државна телевизија го цитираше шефот на техеранската полиција Хосеин Рахими дека напаѓачот е уапсен и дека имал „лични и семејни проблеми“.

Рахими рече дека напаѓачот влегол во амбасадата со две деца. Сепак, видеото од камерата за надзор од внатрешноста на амбасадата објавено во Азербејџан покажува како напаѓачот сам влегол во зградата.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани, рече дека Техеран силно го осудува нападот, кој се истражува со „висок приоритет и чувствителност“.

Иран и Азербејџан имаат заедничка граница. Односите меѓу двете земји се затегнати поради конфликтот меѓу Азербејџан и Ерменија за регионот Нагорно-Карабах.

Портпаролот на азербејџанското Министерство за надворешни работи, Ајксан Хачизада, за локалните медиуми изјави дека „целата одговорност за нападот е на Иран“, бидејќи неодамнешната антиазербејџанска кампања во иранските медиуми „го охрабрила нападот“.

Грчките пратеници не ѝ изгласаа недоверба на Владата

илустрација

Со 143 гласа „за“ и 156 „против“, грчкиот Парламент го отфрли предлогот на опозициската СИРИЗА за недоверба на актуелната Влада.

За пад на Владата на Мицотакис, потребно беше предлогот на СИРИЗА да добие гласови од најмалку 151 од вкупно 300 пратеници во Парламентот.

Владејачката Нова демократија има 156 пратеници и сите беа против предлогот за недоверба на Владата.

На гласањето му претходеше тридневна расправа и говори на лидерите на сите политички партии, како и на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.

Поради скандалот со прислушувањата во земјата, лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас, во средата достави предлог за гласање недоверба на Владата.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG