Властите на Данска во неделата соопштија дека
Гренланд не е на продажба и оти идејата да им биде продаден на Соединетите држави била апсурдна.
Во истовреме, американскиот претседател Доналд Трамп
им потврди на новинарите дека неодамна со неговиот тим разговарал за можноста за купување на најголемиот остров на светот.
„Данска во суштина го поседува. Ние сме многу добри сојузници со Данска. Ние ја заштитуваме Данска, како што штитиме големи делови од светот. Значи, концептот излезе и реков „секако“. Стратешки е интересно и ние би биле заинтересирани. Малку ќе разговараме со нив“, им рече Трамп на новинарите во Мористаун, Њу Џерси.
Трамп во почетокот на следниот месец, во рамките на неговата европска турнеја, треба да го посети Копенхаген, кога Арктикот ќе биде на агендата на разговорите со официјалните претставници на Данска.
Тој притоа додаде дека самата грижа за Гренланд ја чини Данска околу 700 милиони долари годишно:
„Па, многу работи може да се направат. Во суштина тоа е голема зделка со недвижнини. Може да се направат многу работи“.
Претходно и економскиот советник на Белата куќа Лери Кадлоу потврди дека Трамп е заинтересиран за купување на Гренланд.
Според Кадлоу, Гренланд кој се наоѓа меѓу Атлантскиот и Северниот океан е стратешко место со многу вредни минерали.
На Гренланд со децении се наоѓа најсеверната американска воена база Туле, која е дел од глобалната мрежа на радари за предупредување од балситички ракети и за надгледување на вселената.
Ова не е прв обид на САД за купување на Гренланд.
Во 1867 година тогашниот државен секретар Вилијам Сјуард бил заинтересиран за купување на овој остров, а САД наводно се обиделе да го купат Гренланд и во 1946 година за време на претседателот Хари Труман при што понудиле 100 милиони долари.