Достапни линкови

ВМРО-ДПМНЕ – Дали во Крушево се скандираше „Северна, Северна“ за капче и сендвич?


Прослава на Илинден во Крушево

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска реагира дека Илинденската прослава, која ја организираа СДСМ и Зоран Заев „беше срам за целата јавност во која што се фалсификува историјата на Македонија и нејзината борба за самостојност“ и прашаа кои биле членовите на групата што во Крушево извикуваа „Северна, Северна“.

„Кој им дал таква задача и дали тоа го правеле само заради едно капче, сендвич или го правеле за многу посериозен надомест? Која е таа „северна” и колку ваквото скандирање ја милува „жицата македонска” на Зоран Заев? СДСМ е срам за Македонија и Македонците“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ, пак, реагира дека ВМРО-ДПМНЕ изнесува лаги „во неуспешен обид да го оцрни големиот државен празник 2 Август – Денот на Републиката“.

„И денеска од белиот дворец се шират лаги за наводни срамни скандирања, и денеска од белиот дворец лажат за наводни забрани за положување цвеќиња“, стои во реакцијата на СДСМ.

Порталот Инфомакс претходно објави видео снимка на која се слуша како една група граѓани во Крушево скандира „Никогаш северна, само Македонија“, додека друга група скандира „Северна, Северна“. Според порталот, ова скандирање доаѓало од членови и активисти на СДСМ.

Посебниот советник за односи со јавноста на премиерот Зоран Заев, Марјан Забрчанец, на Фејсбук одговори дека видео-снимката е „срамна монтажа“. Петрит Сарачини од Секторот за односи со јавност во владата исто така излезе до тврдење дека се работи за монтажа.

Порталот, пак, тврди дека снимката е автентична и побара извинување од Забрчанец и Сарачини.

„Доколку во рок од 48 часа не се извинат до редакцијата на „Инфомакс“, владиниот шеф за односи со јавност Марјан Забрчанец и советникот за ПР Петрит Сарачини ќе добијат тужби за клевета и навреда“, наведува порталот.

XS
SM
MD
LG