Достапни линкови

Неделници - Меѓународните димензии на „Рекет“ и сценаријата на ВМРО-ДПМНЕ


Обвинителката Вилма Русковска дава изјава по објавувањето на случајот „Рекет“.
Обвинителката Вилма Русковска дава изјава по објавувањето на случајот „Рекет“.

Неделникот Фокус пишува дека „Случајот ’Рекет‘ добива меѓународни димензии – Осомничен и обвинител поседуваат имот во Хрватска и во Грција?“ . Магазинот Глобус наведува три сценарија на кои „работи“ најголемата опозициска партија за спас од обвиненијата и судењата за криминал сторен во време на нејзиното владеење.

Фокус - Случајот „Рекет“ добива меѓународни димензии – Осомничен и обвинител поседуваат имот во Хрватска и во Грција?

Летниот двоброј на неделникот Фокус продолжува со своите истражувачки стории поврзани со актерите во случајот „Рекет“ за кој незавршената истрага е на пауза поради колективниот летен одмор на обвинителите и судиите. Еден загатнувачки наслов во Фокус го привлекува вниманието на читателот, имено дека: „Случајот ’Рекет‘ добива меѓународни димензии – Осомничен и обвинител поседуваат имот во Хрватска и во Грција?“ Во насловот има прашалник, веројатно како знак дека истрагата за сите релации и поврзаност на засега само двајцата осомничени со други замешани личности, бизнисмени и политички функционери и од опозицијата и од власта, сè уште не е завршена.

Имено, откако биле информирани за случајот со изнуда на пари од македонски бизнисмени, амбасадите на две земји-членки на ЕУ алармирале до двата најголеми светски центри, а според информациите со кои располагал неделникот, тоа иницирало истрага од страна на надлежен европски орган, која досега утврдила дека еден од осомничените во случајот поседувал недвижен имот во Хрватска. Покрај тоа, обвинител кој е предмет на интерес и проверка во истрагата на Јавното Обвинителство, поради блиските релации со еден од осомничените, што сè уште се испитуваат дали прераснале во соработка, имал имот во соседна Грција, поточно на Халкидики, наведува Фокус. Неделникот исто така наведува дека амбасадите на двете земји-членки на Унијата се заинтересирале за овој случај од причина што, според нив, тој е исклучително битен за функционирање на системот, особено од аспект колку е еврокомпатибилен во пресрет на донесувањето на одлуката за почеток на преговори на земјава за членство во ЕУ.

Глобус - За Мицкоски каменот доаѓа од далеку

„За Мицкоски каменот доаѓа од далеку“ е насловен текстот во онлајн неделникот Глобус во кој, покрај другото се наведуваат и неколку сценарија на кои „работи“ најголемата опозициска партија за спас од обвиненијата и судењата за криминал сторен во време на нејзиното владеење. Глобус наведува дека без сомнение, „од Будимпешта без размислување за судбината на земјава се диктира ’бескомпромисен отпор‘ на ВМРО-ДПМНЕ кон актуелната власт и меѓународните пријатели“, па продолжува со прашањето: „... Ќе им донесе ли пасош на потенцијалните бегалци место кесите со лимони при посета во Систина?“

Глобус смета дека постојат барем три сценарија во Шампитата, како што авторот го нарекува седиштето на опозициската партија. „Најпрвин, со комплетна спрега судии – порота и други фактори од третата власт да продолжи да се оди кон максимални одложувања на одењето в затвор и во таа насока се одржуваат над водата главите на оние судски функционери корисни на опозицијата. Второто сценарио“ – пишува Глобус,„секако се држи до законодавната сфера каде што се настојува да се провре, макар и во форма на ’копродукција‘, таков закон за СЈО со кој институцијата ќе се разводни и Фамилијата ќе ги одбегне последиците. Тогаш таа групација не ќе мора да бега и да го користи првото сценарио“. Неделникот завршува со третото сценарио, за кое вели дека не е јасно, освен на оние кои учествуваат во него, а кое „се обидува да ја одржува атмосферата на пуч, кој знае кој по ред, започната со аферата ’Рекет‘ и кое секако има наредни последици“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG