Достапни линкови

Случајот Рекет – главна тема во дневниот печат


Неформалниот сопственик на 1ТВ Бојан Јовановски, познат како Боки 13
Неформалниот сопственик на 1ТВ Бојан Јовановски, познат како Боки 13

Случајот Рекет е главна тема во дневниот печат. Медиумите потсетуваат дека кој како ќе биде притворен или затворен, веднаш бара лекарска помош и одложување на казната.

Како што поминуваат деновите и неделите по досега, како што веќе ја нарекува јавноста, најголемата афера во земјава, „Рекет“, секој ден во медиумите излегуваат нови информации во врска со двајцата осомничени и со главната обвинителка во СЈО, Катица Јанева. Најновата вест што ја објавија порталите на печатените медиуми е: „Јанева не поднела писмена оставка“, ја пренесува информацијата на Слободен печат, електронското издание на Нова Македонија. Затоа и Советот на јавни обвинители не можел да ја констатира оставката на Јанева.

„Обвинителството нема докази против Јанева, истрагата за ’Рекет‘ ќе паузира поради одморите“, ја пренесува Вечер информацијата од брифингот во Обвинителството за Дојче Веле.

„Обвинителството не споделува детали по вештачењето на вториот телефон на Јанева“ – објавува Нова Македонија.

Телма ТВ објави дека по Боки 13 и второосомничениот во аферата, Зоран Милевски Кичеец бил спроведен на клиниката за дигестивна хирургија од каде по прегледот бил вратен во притвор.

Независен во подолг текст под наслов: „Наместо во затвор, сите на лекување: Мијалков немал конзилијарно мислење“, прави преглед на зачестената пракса на осомничените и на поранешните високи функционери на сега опозициската ВМРО-ДПМНЕ на кои им се суди за злоупотреби додека беа на власт, да се жалат на здравствени проблеми и да бараат прегледи во здравствени установи. Покрај Бојан Јовановски и Зоран Милевски, пред некое време и Миле Јанакиески беше на преглед од затворот во Шутка, пред да оди во затвор се разболе и бизнисменот Сеад Кочан, Гордана Јанкулоска ја одложи казната затвор поради малото бебе, а сега извршувањето е на пауза, додека Врховниот суд ја преиспита првостепената пресуда. И осудениот на 14 години затвор за убиството на Мартин Нешковски, Игор Спасов е на слобода благодарение на медицинска документација – потсетува Независен.

Вечер го пренесува текстот објавен од новинарот Геровски на порталот Плусинфо под наслов: „Героски ги објави со имиња и презимиња актерите во невладината Меѓународен сојуз на Боки 13“. Истиот весник излезе и со друг наслов: „Боки 13 го злоупотребил и министерот за транспорт Сугарески“.

Слободен печат информира дека е „Одобрен обвинителниот акт за ’Талир 2‘“ кој се однесува на незаконска изградба на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ. И за овој случај ќе им се суди на Никола Груевски, Кирил Божиновски и на партијата како правен субјект.

Нова Македонија има наслов: „Опозицијата и власта лицитираат со датуми за попис и за избори – Заев понуди предвремени избори во октомври, догодина, два месеца пред редовните, за ВМРО-ДПМНЕ предлогот е разумен“.

Во меѓувреме, „Власта и опозицијата продолжуваат со разговорите за законот за ЈО“ – информира Слободен печат.

Нова Македонија ја објави изјавата на премиерот Заев како одговор на долгиот текст на Груевски на својот ФБ профил од Будимпешта, во кој напиша дека на моменти сакал „да му помогне на Заев“: „Заев го повика Груевски да се врати за да му помогне, човек може да помогне и кога ќе си ја одлежи казната“ – изјавил премиерот Заев во Куманово. Независен го објави и одговорот на Груевски: „Јас ќе ’пливам‘ некако, а ти ’уживај‘ во сопственото тонење“. Премиерот ја коментирал и средбата на Мицкоски со унгарскиот премиер, Виктор Орбан во Будимпешта: „Мислам дека тие се сретнаа како двајца лидери на европски народни партии. Верувам дека средбата може да придонесе за зајакнување на пријателството меѓу Република Северна Македонија и Унгарија“, ја пренесува Нова Македонија изјавата на премиерот Заев, одговарајќи на новинарско прашање, исто така во Куманово.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG