Достапни линкови

Законот за јавно обвинителство пред пратениците на 27-ми август


Седница на Собрание на РСМ

Претседателот на Собранието Талат Џафери ја закажа седницата за предложениот Закон за Јавно обвинителство на 27-ми август. Предлог-законот, за кој е потребно двотретинско мнозинство, е со европско знаменце и ќе се носи по скратена постапка. На истата седница ќе се расправа и за предложените измени на Законот за Советот на јавните обвинители на Република Македонија, по скратена постапка.

Со предложениот Закон за Јавно обвинителство се основа Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција, кое, меѓу другото, е надлежно да постапува за кривичните дела кои се поврзани и кои произлегуваат од неовластеното следење на комуникациите за периодот од 2008 до 2015 година. Со донесување на Закон за ЈО, СЈО и Обвинителството за организиран криминал и корупција се спојуваат во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција, кое ги презема започнатите постапки на СЈО во фазата во која се преземени.

Со Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција ќе раководи јавниот обвинител на Обвинителството за организиран криминал и корупција до завршување на мандатот, во случајов Вилма Рускоска, а во новото обвинителство се префрлаат обвинителите, истражителите, архивата, материјалните средства и опремата на СЈО.

XS
SM
MD
LG