Достапни линкови

За уметност и креативност никогаш не е доцна


Пензионерката Живка Величковска од Куманово изработува ракотворби.
Пензионерката Живка Величковска од Куманово изработува ракотворби.

Кумановката Живка Величковска по завршувањето на работниот век се посветила на изработка на ракотворби. Изработува украси, мебел, работи со декупаж, украсува торти.

Возраста не познава граници, ако човекот со своето раѓање во себе носи некој талент, особено ако има чиста мисла и вредни раце, затоа и пензионерските денови поминуваат исполнето, забавно, задоволно, меѓу другото, вели шеесет и петгодишната кумановката Живка Величковска, дипломиран економист. Таа како комерцијалист во кумановската ФЗЦ „11 Октомври“, никогаш не се задоволувала само со она што го работела таму, туку секој слободен миг, често пати и со помалку спиење, освен што се грижела и ги воспитувала ќерките, шиела, правела фризури на пријателки и роднини, се занимавала со козметика, со правење и украсување торти. Во меѓувреме покрај францускиот, го научила и англискиот јазик. Од неодамна Живка секојдневието или деноноќието го исполнува на поинаков начин, истражува, работи и се радува на сработеното, за што вели дека секогаш може да биде подобро.

„Уметничкиот талент сум го наследила од мојот татко. Кога бев мала тој ни правеше (работеше во „Циглана“) играчки од глина, ги печеше, ги глазираше, ме научи техники на цртање. Така, уметноста е дел од мојата младост“, вели таа.

Во меѓувреме преокупирана со школо и други обврски не била свесна дека уметничкото го носи во себе, и тоа повеќе отколку што понекогаш мислела. Но, 1992-та година кога почнала манифестацијата „Вешта жена“ започнала со правење и украсување торти.

„Сега можеби задоцнето, но никогаш не е доцна, одлучив да правам нешто што ќе ме чини задоволна, лично мене. Што и да направиш, едно камче да ишараш, тоа ти си го направил и си оставил свој печат, нешто што останува од тебе. Има многу мали и ситни работи што остануваат зад тебе“, вели Живка Величковска.

Таа раскажува дека е во фаза на себеиспитување, за подоцна можеби и ќе се фокусира само на еден вид од уметничките ракотворби.

„Се обидувам да работам декупаж, од старо да направам ново, дури одам до тој степен што правев и мебел, но не од дрво, бидејќи уште немам алат. За ќерка ми правев полица како организатор со кутии за документите да и’ се на едно место. Тоа не е мало, 90 на 80 сантиметри, никој не може да поверува од што е кога ќе го види, не е од дрво, тоа е од еден цврст материјал, лесно се сече и лесен е.“

Таа вели дека со работата некогаш запира пред да ја доврши, но не ретко останува да работи и до раните утрински часови. Кога не работи гледа на интернет како другите работат, за таа пак да создаде нешто свое. Живка додава дека уметничката дарба по женска линија продолжува преку помалата ќерка Магда, академски сликар и внуката Бела, која можеби ќе се определи за некој вид уметност.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG