Достапни линкови

Заев: Мицотакис е искусен политичар, заедно да гледаме напред


Архивска фотографија- Премиерот Зоран Заев на прес-конференција во Владата

Господинот Мицотакис е искусен политичар и сигурно ѝ мисли добро на својата земја и на своите соседи, па и на целиот балкански регион, вели премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев во интервјуто објавено на грчката телевизија Алфа, а направено во Скопје, три дена пред изборите во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

“Ги имам следено внимателно ставовите на господинот Мицотакис, секако неговиот коментар дека договорот не е добар ни е познат. Договорот, веројатно ако гледаме низ призмата на двете земји можеби подеднакво не е добар или подеднакво е добар. Јас верувам дека сите заедно ќе гледаме напред, нема да се враќаме назад. Господинот Мицотакис е искусен политичар и сигурно ѝ мисли добро на својата земја и на своите соседи, па и на целиот балкански регион”, вели Заев.

Македонскиот премир во однос на јазикот и словенските корени, вели дека во минатото „обидот да се промени и извитопери нашата историја без да се води сметка како тоа влијае кај соседите се предизвика состојба да бидеме буквално скарани скоро со сите соседи и се затворија сите процеси за интеграција во ЕУ и НАТО“, а во однос на Договорот од Преспа истакнува дека нашата земја има намера да ги исполни сите обврски.

“Во самиот договор има услови ако една од страните не ги исполни своите обврски, како постапува другата страна. Но, нашата намера е да ги исполниме сите обврски, секако или како две страни во договорот, но истовремено да гледаме уште повеќе напред од овој договор”, вели премиерот.

Новиот грчки премиер Мицотакис, за чиј избор на влада седницата на грчкиот парламент е во тек, вчера во своето обраќање пред пратениците рече дека од однесувањето и добрата соработка “на нашите соседи ќе се оцени нивниот тек кон Европската Унија”.

“На Балканот, како што имаме кажано во неколку наврати, приоритет е да се ублажат негативните последици од спроведувањето на Договорот од Преспа. А главната точка овде е развојната програма за северна Грција, заштита на македонските производи и голема меѓународна кампања за нашата Македонија. И сакам, одново да пратам една порака во и вон Грција: од однесувањето и добрата соработка на нашите соседи ќе се оцени нивниот тек кон Европската унија”, рече Мицотакис.

XS
SM
MD
LG