Достапни линкови

Пендаровски потпиша нови укази за разрешувања, поставувања и отповикувања во Армијата


Стево Пендаровски, претседател на РСМ

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски потпиша укази за разрешувања, поставувања и отповикувања во Армијата на Република Северна Македонија. Од Кабинетот на претседателот информираат дека Пендаровски постапил по одлуката на Државната комисија за спречување на корупцијата, која утврдила дека поранешниот претседател на државата, Ѓорге Иванов, со донесените укази за поставувања во Армијата на 25 февруари 2019 година, за време на изборниот период сторил дејствија што се забранети за време на изборниот процес и со тоа прекршил одредби од Изборниот законик и од Законот за спречување на корупција и судир на интереси.

Извори од кабинетот на Претседателот објаснуваат дека од шесте укази за разрешувања и нови поставувања, само за еден институцијата претседател нема правна основа дадејствува. Указот се однесува на генерал мајор Васко Ѓурчиновски кој бил унапреден во чин генерал потполковник. Во Законот за одбрана нема законски основ за одземање на чин, освен доколку носителот на чинот е лично одговорен за определени противзаконски дејствија, како што се кривично дело или тешка дисциплинска повреда.

Од останатите пет укази, тројца ги задржуваат формациските чинови, а за новата позиција на другите двајца треба да одлучи Армијата на Република Северна Македонија и Министерството за одбрана.

Бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски кој беше поставен за воен претставник на Република Македонија при НАТО во Брисел, со новиот указ се отповикува од функцијата и ќе биде ангажиран во Армијата.

Полковникот Драган Ковачки кој беше поставен за командант на Механизирана пешадиска бригада во Здружената оперативна команда во Генералштабот на Армијата, се разрешува од оваа позиција и за него се очекува министерството за одбрана да му определи ново формациско место во Армијата.

Бригадниот генерал Орце Јордев, и полковникот Маријо Јуришиќ ги задржуваат позициите на кои биле унапредени, а полковникот Бесник Емини се разрешува од позицијата началник на Штаб на Здружената оперативна Команда во Генералштабот и се поставува за командант на Механизирана пешадиска бригада во Здружената оперативна Команда во Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија.

Лицата на кои се однесуваат указите немаат право на жалба, објаснуваат правните експерти.

XS
SM
MD
LG