Достапни линкови

Битола освен со железница и со експресен пат ќе се поврзува со Грција


Железничка пруга во Битола.
Железничка пруга во Битола.

Железничката пруга од Битола до грчка граница е изградена и се очекува наскоро да биде пуштена во употреба. А се најавува и рехабилитација на стариот пат и проект за нов експресен пат до границата.

Железничката пруга од Битола за грчка граница е изградена веќе неколку месеци, но сѐ уште нема возови и не е воспоставен возен ред со соседна Грција. Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески вели дека треба да се поврзи оптички кабел, да се извршат тестирања и железничкиот превоз меѓу двете држави ќе профункционира за скоро.

„Од Железници сум информиран дека треба да дојде до поврзување на оптичкиот кабел од Трубарево до Битола. Во еден период имаше и пробно тестирање, ќе има уште дополнителни тестирања. Согласно договорите што ги имаат двете железници на нашата држава и Грција во најбрз временски период ќе биде пуштена во употреба. Многу ми е важно да обезбедиме безбедност. Комплетно е завршена изведбата, согласно тестирањата и договорот за возниот ред на двете држави за брз временски период ќе треба да биде пуштена во употреба“, рече Сугарески.

Освен со железница, битолскиот регион се најавува дека подобро ќе се поврзе за соседна Грција и со обновена патна инфраструктура. Ќе се рехабилитира и стариот пат од Битола за грчка граница во должина од 13 километри во вредност од 2,5 милиони евра, средства од ЕБОР. Надлежните велат дека тендерот ќе биде објавен есенва, а интензивно ќе се гради напролет. Напоредно со тоа до в година ова време треба да биде готов и проектот за изградба на експресен пат за Меџитлија.

„Рехабилитација на постоечкиот и проект за експресен пат со обиколница дон граничен преми Меџитлија. Постоечкиот да се рехабилитира зашто новиот дури да се изгради ќе поминат година-две-три. Не може постоечкиот да го оставиме во таква состојба во каква што е. Значи ем постоечкиот ќе го направиме, ем новиот ќе го изградиме“, рече Зоран Китанов, директор на ЈП за државни патишта.

Во проектот за експресен пат чиј изведувач е избран во февруари годинава треба да се дефинира каде точно ќе минува патот. Засега е познато дека ќе има посебна обиколница за да се избегне минување низ Битола.

„Изработка на проектна документација за експресниот пат делница Битола- Меџитлија со обиколница во вредност од 0,76 милиони евра средства од Јавното претпријатие. Склучен договор со проектант на втори месец 2019, рок на изведба 18 месеци. Тоа значи дека в година ова време ќе треба да го имаме проектот и ќе може да се тендерира за избор на фирма за изградба на обиколница и експресен пат“, додава Китанов.

Тој уште најави дека за еден месец започнува и рехабилитација на стариот пат Прилеп-Битола, а од наесен ќе има тендер за проектна документација за автопат на истата релација.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG