Достапни линкови

Либерализацијата на железници ќе почека до влез во ЕУ


Железничка станица во Гевгелија.
Железничка станица во Гевгелија.

Наспроти сите европски препораки за либерализација на железничките услуги, железнчките претпријатија ќе останат во рацете на државата се до влез на земјава во ЕУ. Претходната влада со закон ги заштити, тврдејќи дека е тоа за добро на железничките претпријатија кои треба да станат конкурентни и за вработените.Но, во меѓувреме претпријатијата прават загуби, а на вработените често им доцни плата.

Либерализацијата на железничкиот транспорт нема да дојде на дневен ред се додека државата не стане членка на Европската Унија. Од министерството за транспорт велат дека ќе го почитуваат законот според кој либерализацијата на железничкиот транспорт ќе се овозможи откако Македонија ќе стане членка на Европската Унија. Од таму додаваат дека еден од условите за либерализација е да се доврши реформата во МЖ Транспорт во насока на поделба на приходите и расходите меѓу патничкиот и товарниот сообраќај, како и одржувањето на возови.

„Министерството за транспорт и врски има скучено договор со консултанска куќа што ја реализира бизнис сегментацијата во компанијата која пак очекуваме да биде завршена до крај на 2018 година, “ се вели во писмениот одговор на Министерство за транспорт и врски.

Претходната Влада која со закон ја ограничи либерализација, во нејзина замена ветуваше зајакнување на позицијата на националната железничка транспортна компанија преку обнова на возниот парк и набавка на нови товарни и патнички вагони. Но, ветувањето беше делумно исполнето.

Проблемите во железничкиот сообраќај се многу посложени и прв чекор кон нивно разрешување е итна либерализација на пазарот, затоа што може да купиме ние илјадници нови локомотиви или вагони, но тоа нема да ја подобри состојбата во која се наоѓа железничкиот сообраќај,вели Дејан Трпевски, експерт за железнички транспорт.

„Во 2008-ма година бевме лидери во реформите во железницата на Балканот, а денеска сме последни. И Косово има направено либерализација на железничкиот превоз и има регистрирани превозници, Србија истото го направи, Грција има либерален пазар но од други причини таму не се појавија други превозници иако има веќе превозници, а ние тапкаме во место. Ќе бидеме дупка на Балканот доколку под итно не се направи либерализација на пазарот на железнички услуги“, вели Трпевски.

Во меѓувреме обемот на железничкиот транспорт е во слободен пад, како по обемот на поминати километри така и во обемот на превезена стока. Намалување на бројот на патници со години бележи и железничкиот сообраќај.

Агенцијата за железнички сообраќај во еден од претходните извештаи нотирала дека во крајно лоша состојба се наоѓаат железничките станици во земјава кои не се доволно осветлени, имаат необележани перони, а хигиената е на незадоволително ниво.

Македонски железници транспорт, заедно со Македонски железници Инфраструктура, минатата година ја завршија со вкупни загуби од 19 милиони евра, односно колку 6 нови електрични локомотиви, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации. Според нивната дата база загубите на двете железнички претпријатија во изминативе 4 години изнесува речиси 60 милиони евра.

Од министерството за транспорт и врски велат дека за 2018 година за покривање на загубите во патничкиот сообраќај се предвидени речиси 7 милиони евра. Од буџетот се одвоени и повеќе пари за развој на железничкиот сектор.

„За изградба на нови пруги на Коридор 8 и 10 како и одржување на железничката инфраструктура и сообраќај, планирани се 1 милијарда и 357 милиони денари што е за 817 милиони денари повеќе отколку предвидените во Буџетот за 2017 година или зголемување од 151 процент “ изјави министерот Горан Сугаревски.

Во владината програма е наведено дека во наредниот четиригодишен период во железничкиот сектор ќе се инвестира во нови соларни железнички станици, модернизација на железничката инфраструктура, обновување на возниот парк, електрификација на пругите, довршување на реконструкција на пругата од Куманово до Бељаковце, нова пруга од Крива Паланка до Деве Баир, почеток на изградба на пруга од Кичево до албанскиот Лин, реконструкција на пругите Велес – Битола и Битола Кременица.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG