Достапни линкови

Заев најави реконструкција на Владата, нема предвремени избори


Премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев

Реконструкција на Владата, а не одлука за предвремени парламентарни избори и продолжување на политиката на евроатлантската интеграција е заклучокот од дебатата во рамки на деветтата седницата на Централниот одбор на СДСМ што вечерва се одржува во Охрид.

Претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев во изјавата за медиумите рече дека е важно одлуката за почеток на преговори да биде донесена, па нека биде и во октомври.

„Два или три месеци не се толку важни. Драго ми е што и Бундестагот преку пратениците тоа го потврди. Сето тоа не става во позиција да го скратиме времето на кои било политички промени и да донесеме одлука којашто е најцелисходна за државата и за граѓаните, а тоа е да завршат промените и Владата да продолжи со целиот капацитет и да се посвети на реформите, но и на економските перспективи како приоритет за оваа година“, рече Заев.

Тој соопшти дека на седницата на Централниот одбор бил избран нов Извршен одбор на партијата во кој влегуваат министрите Рената Дескоска и Драган Тевдовски, пратениците Фросина Ременски - Костадин Костадинов, градоначалниците Петре Шилегов и Стефан Богоев, професорката Татјана Стојановска Иванова, Салија Љатив Петрушовска и уште осуммина други.

На овој состанок на Централниот одбор не се избрани потпретседатели на партијата, а Заев рече дека тие ќе се бираат на наредниот Централен одбор.

Душко Весковски е избран за организациски секретар на партијата и ќе ја напушти директорската позиција во скопски Водовод, а Дане Талевски е секретар за меѓународна соработка. За директор на Центарот за истражување и анализа на СДСМ е избран Мартин Попов.

XS
SM
MD
LG