Достапни линкови

Столтенберг пристигна во Скопје


Пречек на Аеродромот во Скопје на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Пречек на Аеродромот во Скопје на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и Северноатлантскиот Совет денеска и утре се во официјална посета на нашата земја. Тие ќе имаат средби со државниот врв во врска со процесот на реформите и пристапување на земјата во Алијансата.

Специјалниот авион на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг слета на Меѓународниот аеродром Скопје, а еден час потоа слета и вториот авион со амбасадорите на земјите членки на НАТО, односно Северноатланскиот совет (НАК), со нивните придружни делегации.

На аеродромот беа пречекани од висока владина делегација по што се упатија кон Собранието на Република Северна Македонија кадешто се одржува свечен прием во нивна чест. Добредојде нему и на неговата делегација во законодавниот дом им посака претседателот на Собранието Талат Џафери кој воедно е домаќин на свечената вечера. Останатите средби со претставниците на државниот врв се планирани за утрешниот ден, а главна тема на разговори се очекува да биде процесот на реформите и пристапниот процес на Северна Македонија во Алијансата.

Столтенеберг и високите претставници на НАТО доаѓаат во прва посета на Скопје по потпишувањето на протоколот за членство на земјата во Алијансата. Првпат Северноатлантскиот совет, предводен од тогашниот генерален секретар Џорџ Робертсон, ја посети Македонија во 2003 година, со цел да го поздрават Охридскиот рамковен договор. Инаку Северноатлантскиот совет е највисокото тело, односно централата на НАТО, во кое има претставници на 29-те земји членки, кои се на ранг на амбасадори.

За денеска и утре најавени се низа состаноци со државниот врв, на кои главна тема ќе биде НАТО-интеграцијата, активностите што треба да ги направиме и резултатите што треба да ги постигнеме до конечниот прием во НАТО.

Надлежните уверуваат дека сегашната посета на првиот човек на НАТО и Советот треба да стави печат на сè поизвесното членство на Република Северна Македонија со Северноатлантскиот сојуз. Од Владата велат дека Македонија има одлични резултати на полето на бараните реформи, не само во политичкиот туку и во воениот дел и дека добро напредува ратификацијата на протоколот за нашето членство во НАТО.

Досега 13 членки го ратификувале протоколот, а процедурата ја почнале и сите други. Од Владата посочуваат дека идеален рок за завршување на ратификациите би бил декември, кога и се планира самитот на НАТО во Лондон и кога ќе се слави 70-годишнината од формирањето на Алијансата.

Освен ратификација на протоколот за членство на земјата во НАТО кај сите земји членки, се очекува и дополнување на Вашингтонскиот договор. Тоа е оригиналниот договор за формирање на НАТО, каде што Македонија треба да биде вметната како 30-та земја членка.

Ова не е прва посета на Столтенберг во земјава. Тој беше тука во јануари 2018 година додека уште траеја преговорите за името со Грција, а Скопје го посети и по потпишувањето на Преспанскиот договор, кога го поздрави договорот и ги повика граѓаните да го кажат своето мислење на референдумот.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG