Достапни линкови

Утре ќе се одлучува за мандатот на Груевски


Мандатот на пратеникот Никола Груевски кој избега од земјата откако беше осуден повторно е на дневен ред на собраниската комисија за деловнички и мандатно имунитетни прашања. Седницата е закажана за утре во 11 часот, а се закажува бидејќи пратеникот неоправдано отсуствувал повеќе од шест месеци.

На минатата седница наместо за мандатот на Груевски се расправаше за оставката на претседателот на Комисијата, Павле Богоевски. Утрешната седница ќе ја води заменичката на Богоевски, Снежана Калеска-Ванчева.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека партијата треба да заземе конечен став како пратеничката група ќе се однесува на утрешната седница.

Од СДСМ, пак, велат дека Груевски не заслужува да биде пратеник.

„Да покажеме пред граѓаните дека никој не смее да биде заштитен како поладна мечка, рече портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.

Освен одлука на Комисијата, за да се одземе мандат на пратеник, на пленарна седница за тоа потребно е двотретинско мнозинство, односно треба да гласаат 80 пратеници.

Собранието и на почетокот на ноември минатата година се обиде да му го одземе мандатот на Груевски, тогаш поради недостојност за вршење на пратеничката функција откако беше осуден на две години затвор во случајот „Тенк“, но немаше двотретинско мнозинство. Груевски потоа избега во Унгарија, каде што доби политички азил, а Собранието одлучи да не го води како оправдано отсутен и му ја намали пратеничката плата за 5 отсто.

XS
SM
MD
LG