Достапни линкови

Каде ќе одите за Кирил и Методиј?


Охридско Езеро.

Туристичките работници се задоволни од продадените аранжмани во мај, но и од се поголемиот интерес на странските туристи за охридското крајбрежје и другите дестинации меѓу кои и Скопје.

Македонските граѓани и оваа година патуваат за празникот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј, а нивниот број на патиштата низ земјава и надвор е приближно ист во споредба со последните неколку години.

Искуствата на агенциите се различни со бројот на остварени патувања поврзани со овој и претходниот празник Велигден, кога вообичаeно најмногу се патува.

Во едни агенции зборуваат дека во мај е намален бројот на патувања во споредба со други години, но други велат дека бројките се движат како и секоја година.

Од таму посочуваат дека еден од предизвиците е големата конкуренција што ја создаде бројот на отворени агенции и оти има и луѓе кои сами ги планираат своите аранжмани.

Ана Крстевска -Каламадевска вработена во туристичка агенција во Скопје вели дека има промени во навиките на патниците.

„Последните години е интересен феномен дека авионските аранжмани кои чинат повеќе, се полнат побргу во споредба со некои автобуски аранжмани кои чинат помалку. Прво од причини што на пазарот веќе има хиперпродукција за некои типови на аранжмани и агенциите се борат едни со други да постигнат пониска цена, а инаку не би заклучила дека помалку се патува во споредба со минати години, нема таква тенденција но има клиенти кои бараат индивидуални аранжмани, Визер лета за повеќе дестинации во Европа“, вели Каламадевска.

Инаку, од агенциите посочуваат дека граѓаните за празникот Св. Кирил и Методиј преку агенциите најмногу отпатувале во соседна Грција како најблиска дестинација, има и луѓе кои отпатувале во планинските центри на Бугарија, а дел и во Србија.

Охрид традиционално останува најпосетена дестинација во земјава. Tуристичките работници од овој град по големата пополнетост на капацитетите за време на велигденските и првомајските празници и натаму имаат причина за насмевка и очекуваат интересот за охридското крајбрежје да се зголемува и во текот на летото.

„Гледаме и по сообраќајот дека има пристигнати гости од разни средини, најмногу од Турција но дури и од Кина и Кореја. Податоци за викенд гости нема но јасно е дека викенд гостите се застапени и во сезона и вон има зголемена посетеност“, вели професор Науме Мариновски.

Од Агенцијата за туризам оваа година очекуваат околу 400 милиони долари девизен прилив од туризмот.

„Потрошувачката е важна категорија и не се однесува само на трошење во хотели, зашто и кога се остварува посетеност во станови се остварува потрошувачка во продавници. Апроксимативно потрошувачката изнесува 80 долари по едно ноќевање, ако е за приватно сместување се намалува, но во секој случај има многу важна улога остварената потрошувачка во вкупниот развој на општеството“, вели Мариновски.

Во последните години освен во Охрид најголем број странски туристи има во Скопје. За време на посетата на папата Франциск во главниот град најмногу посетители дојдоа од Хрватска, но повеќето наменски и тие се задржаа неколку часа. Од агенциите велат дека во мај има посета на туристи од европски градови, од скандинавските земји и од азиски земји. За летово се најавени туристи од повеќе странски земји вклучително и од Италија чии посетители доаѓаат на тематско археолошко патување.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG