Достапни линкови

Рекордна посетеност, мала добивка за туризмот


Охрид, поглед.
Охрид, поглед.

Со рекламите Македонија е препознаена како туристичка дестинација, но најголем дел од туристите доаѓаат поради евтините летови и аранжмани, велат дел од упатените. И покрај одличните бројки на странски посетители од владините субвенции нема добивка, велат тие. Од Агенцијата за туризам не мислат така.

Во Македонија во првите шест месеци од годината дошле 16, 4 проценти повеќе туристи од лани, покажуваат податоците на Заводот за статистика. Причина за насмевка имаат Охрид и Струга, каде по крајбрежјето има повеќе странски туристи од кога било во последните години, а слично е и во Скопје.

Директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, Љупчо Јаневски, вели дека е среќен што се надминати и неговите очекувања, оти оваа година ќе има од 15 до 20 проценти зголемување на туристите.

„Бројот на странски посетители веќе надминува 20 проценти. Ако се споредат податоците со јуни лани има зголемување на домашните туристи за 15, 9 проценти и за 22,4 проценти на странските посетители. Според девизниот прилив во првиот квартал, кој е најтежок во годината, скокаме 26,5 проценти. Ако сè помине во најдобар ред, јас очекувам оваа година да има рекорден број туристи, 1,2 милиони туристи и над 3 милиони ноќевања“, вели Јаневски.

Но и покрај тоа што е зголемен бројот на странски туристи, пред сè благодарени на владините субвенционирања на странски посетители, дел од туристичките работници велат дека нема да имаме повеќе пари од туризмот. Има посочувања дека најголем дел од туристите доаѓаат поради евтините летови и сместувања, а не поради природните убавини, архитектурата, кујната и клима и оти тие не остваруваат голема потрошувачка.

Туристичкиот работник Ангел Иванов вели дека не е воодушевен од субвенционирањето на туризмот во Македонија. Тој посочува дека за разлика од кај нас во соседна Грција ова лето ќе отидат 20 милиони туристи и ниеден нема да добие ниту едно евро субвенција, туку напротив, таму посетителите ќе ги чекаат поголеми давачки зашто многу нешта поскапеа во Грција.

Субвенциите се неприроден и неекономски начин на привлекување. Треба убаво да се пресмета и некој искрено да каже дадовме толку субвенции, добивме толку туристи, тие оставија толку пари, а разликата помеѓу субвенциите и дадените пари е таа. Ние имаме илјади ноќевања, а околните држави имаат олимписки бројки на ноќевања. Шампиони ќе бидат Грција, Бугарија и Албанија“ вели Иванов.

Од Агенцијата велат дека субвенциите даваат ефект.

Според бројот на вкупен број на туристи во Македонија нема исплатено повеќе од 2 евра по глава на турист. Отприлика од 1,2 до 2 милиони евра во текот на годините е исплатено на годишно ниво субвенции. За минатата година во Македонија имало 327 милиони долари директен импакт од туризмот, а индиректниот секогаш се множи по 2,3. За првиот квартал од 2018 има скок на 26,5 проценти во девизниот прилив“, вели Јаневски.

Сепак од Агенцијата велат дека моделот по кој се даваат субвенциите е веќе надминат и Македонија треба во брзо време да понуди нов, кој повеќе се врти кон македонскиот сектор и неговото подигање.

„Ако велиме дека сега имаме три ноќевања со еден доручек како параметар на субвенционирањето во Македонија, можеби ќе треба да се размислува да субвенцинираме според ѕвездички, или за субвенционирање во сезона и надвор од сезона, зашто веќе ги имаме првите форми на масовен туризам во струшко - охридскиот регион, односно во јули и август нема места и ако го погледне бројот на ноќевање на домашни посетители тој е во благо опаѓање зашто хотелските сместувачки капацитети се букирани", вели Јаневски

Како и да е, туристичките работници се согласуваат дека ова лето се одлични бројките на посети и ноќевања, но укажуваат дека тоа е првиот степен во развојот на туризмот. Понатаму, како што велат треба да се работи на инфраструктурата и квалитетот на понудата. Тие посочуваат и хотелите треба да направат подобра понуда. Според некои посочувања треба да се размислува и за еко - туризам, со оглед дека Македонија има одлична предодреденост.

Иванов вели дека треба да се размислува и за поинаков вид на субвенции. Некои туристички работници забележуваат и дека нема унифицирани обележја кои ќе им се нудат на странските туристи туку се продаваат производи кои не го одбележуваат поднебјето, туку производи кои секојдневно може да се сретнат и оти можеби тоа е причината зошто нема потрошувачка.

„Треба да се заблагодариме што сме на крстопат. Поради големите тури што ги прават и природно е да се застанат во Македонија. Во Скопје од оние што доаѓаат прва точка на посета е Матка. Тоа е природен раритет и неповторлива и манастирска убавина. Ако некогаш треба да се даваат субвенции треба да се даваат за туристите за бесплатен влез во музеите. Знаете колку луѓе го одминаа Скопје без да го видат Пикасо во Музејот на современа уметност и илјадници дела што се наоѓаат таму. Скопје е град на светската солидарност прогласен од УНЕСКО. На 50 години од земјотресот требаше да бидат бели ноќи таму. Има многу атракции, а не се прави ништо“, вели Ангелов.

Инаку во Македонија оваа година најмногу посетители доаѓаат од Турција во сегментот на понуди на кружни тури. Турските посетители во Македонија остануваат 1,4 денови но сепак се најмасовни. Повеќе од Турците во Македонија се задржуваат холандските, полските, српските и бугарските туристи кои остануваат во просек од пет до шест денови со закупени аранжмани и чартер летови. Од Агенцијата се надеваат дека во иднина повеќе ќе се развива чешкиот, германскиот, шпанскиот и романскиот пазар во македонските туристички центри.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG