Достапни линкови

Власта и натаму спротивно препораките на УНЕСКО за Охрид


Охридско Езеро

Визијата која ја претставува премиерот Зоран Заев за туристичкиот развој на Охрид, не само што е во спротивност со препораките на УНЕСКО и ЕУ, туку е концепт кој развиените држави почнаа да го напуштаат во осумдесетите години на минатиот век, велат активистите од еколошките здруженија.

Ваквите реакции доаѓаат по изјавите на Заев на дебатата во Охрид на почетокот на месецов, со граѓани и со претставници на компании, насловена „Силна Економија - шанса за сите“, каде што истакна дека УНЕСКО е драгоцено за Охрид, но оти истовремено треба да го следат индустрискиот и туристичкиот развој кој ќе обезбеди доходовен туризам и поквалитетна понуда за побогати туристи. Заев, меѓу другото, рече дека ќе овозможат изградба на марина, но и дека општинските служби мора да најдат начин да биде изграден хотелот во Лагадин.

Охридскиот регион и натаму е под ризик УНЕСКО да го прогласи за светско наследство кое е во опасност и токму затоа активистите за заштита на животната средина реагираат дека овие заложби на власта се спротивни на препораките на УНЕСКО од 2017 година, кои се во насока на умерен развој на Охрид.

Александра Бујароска од граѓанската организација „Фронт 21/42“ вели дека локалната и централната власт и натаму не ги спроведува главните препораки на УНЕСКО, а тие се да биде воспоставен мораториум на сите крајбрежни и урбани трансформации на подрачјето на Светското наследство до усвојување на сите релевантни плански документи и одобрување на законски регулативи за заштита и механизми за контола.

„Главните препораки на УНЕСКО, особено препораката бр. 6 за мораториум на сите урбани и крајбрежни трансформации, како и препораката бр. 9 која се однесува на инвентар на дивоградбите и отстранување на сите дивоградби во охридскиот регион, сè уште не се спроведени, ниту од страна на општините, ниту од страна на Владата. Сè уште на територија на трите општини поминуваат урбанистички проекти кои значат трансформација и се одобруваат дивоградби, односно се легализираат бесправно изградени објекти“, вели Бујароска.

Плаошник, Охрид. 2014 година.
Плаошник, Охрид. 2014 година.

Бујароска во отворено писмо до Заев наведува дека плановите за плажите во Охрид, изградба на марина, легализација на дивоградби каков што е хотелот Лагадин, пренамена на земјиште и легализација на авто-кампот Градиште, изградбата на индустриска зона кај Лескоец, Коридорот 8 и одлуките за продолжување на легализација на огромен број дивоградби, значат флангрантно непочитување на препораките на УНЕСКО.

Изјавата на Заев за изградбата на хотелот во Лагадин, се чини дека предизвика најмногу реакции во јавноста. Инвеститорот на хотелот на дебатата во Охрид се обрати до Заев и рече дека откако добил правосилно одобрение да гради, Општина Охрид донела решение со кое му се одзема одобрението „поради чудни причини“ и оти потоа неколку пати се жалел во Второстепена комисија во Министерството за транспорт и врски која давала решение во негова полза и го поништувала решението на општината.

Заев на тоа одговори дека тој лично интервенирал и неколку пати разговарал со општинските власти, бидејќи правото било на страната на инвеститорот. Заев рече дека во Одделението за урбанизам во Општина Охрид имало „некои мечки“ кои пркосат, но дека тоа еден ден ќе заврши.

„Дури и да постои правно-формален аспект во Одделението за урбанизам, не може не бива, не може најлесно да биде „не“, ќе најдат начин како да биде „да“. (...) Ќе се реши проблемот, ако треба сега ќе ја земам Второстепената одлука во свои раце и ќе дојдам тука“, изјави Заев.

Бујароска вели дека ваквите изјави сериозно вознемируваат и алармираат поради јавното демонстрирање на моќ на извршната власт и нејзиното мешање во работата на судската власт. Таа вели дека указите кон општинските служби и ветувањето за лична заложба кај Второстепената комисија „се кривично дело и повторување на праксата од деценискиот режим.“

Охрид, Македонија.
Охрид, Македонија.

Таа во писмото до премиерот истакнува дека на крајот од втората деценија на 21 век „европски“ Охрид, кој е едно од седумте мешовити светски наследства на европскиот континент, треба да има нула отпад наместо Буково и сите останати диви депонии, да користи 100 проценти обновлива енергија и наместо увезени автомобили кои се забранети во ЕУ, да има велосипедска мрежа низ целото подрачје и јавен транспорт со електрични возила. Охрид треба да има беспрекорно чиста вода од јавниот водовод, плажи кои се 100 проценти во изворна природна состојба, без барови со гласна музика, органско земјоделие, автентични населби, села и автентична архитектура во градот. Ваквиот Охрид ќе привлече доходовен туризам и гости со поголема платежна моќ и туристи во текот на целата сезона, вели таа.

„Додавање на марина, згради во Градиште, хотел во Лагадин, инфраструктури на плажите во веќе алармантно деградираниот Охрид, ќе донесе материјална корист на мал број инвеститори, а голема и материјална штета на локалното население и целата македонска нација, вклучувајќи го и нашето потомство“, вели Бујароска.

Заев во јуни минатата година нагласи дека во Охрид има мораториум на мегаломанските проекти, дека се стопирани сите проекти, како медитеранската плажа, трите развојни туристички зони поради Субрата Рој, скијачкиот центар, експресниот пат Охрид - Свети Наум, Струга - граница или Требениште и железничката пруга, согласно упатствата на УНЕСКО.

Препораките на УНЕСКО од сетот на итните мерки требаше да бидат спроведени до февруари 2018 година. Во мониторинг мисијата на УНЕСКО од 2017 година е напоменато дека Охрид ќе биде ставен на листата „Светско наследство во опасност“ доколку не бидат исполнети обврските од извештајот.

И во предизборната кампања пред да дојде на власт, Заев велеше дека е нивна обврска да го чуваат Охрид за идните генерации и оти ќе направат се за да се зачува статусот на УНЕСКО.

Во јули 2018 година собраниската Комисија за култура одржа надзорна расправа за Охридскиот Регион, по што и беше укажано на Владата да ги исполни сите 19 препораки од реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО од април 2017, со посебен акцент на препораката број 6 за прогласување на времен мораториум на сите градежни активности во Охридскиот Регион, сè до донесување на потребните планови: План за управување со Доброто, граници на Доброто, инвентар на природното и културното наследство, подобрување на релевантните законски одредби.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG