Достапни линкови

Вести

Заев и Дескоска оптимисти за можно решение за СЈО

Министерката Рената Дескоска
Министерката Рената Дескоска

Премиерот Зоран Заев денеска изрази оптимизам дека е можно деновиве да се дојде до решение за статусот на СЈО, во рамки на предлог Законот за јавното обвинителство.

„Мислам дека можеме овие денови пред објавување на извештајот на 29 мај да го заокружиме овој процес и двете условно кажано страни во преговарачкиот процес да објават дека е постигнат договор“, изјави Заев по денешната дебата за нацрт текстот на Националната стратегија за развој на коцептот за едно општество и мултикултурализам.

Според министерката за правда Рената Дескоска, која информира дека се уште нема закажано нова средба, многу работи во нашата држава се решавале во последен момент така што, потенцира, се е можно. Таа изјави и дека верува оти веќе созрева свеста кај сите политички партии дека она што значи барање за амнестија не смее и не може да помине.

види ги сите денешни вести

Трамп тврди дека се убиени 48 ирански лидери

Доналд Трамп, фотоархива
Доналд Трамп, фотоархива

Претседателот на САД, Доналд Трамп изјави дека во американско-израелскиот напад биле убиени 48 ирански лидери.

„Никој не може да поверува колкав успех имаме, 48 водачи се отстранети одеднаш. И сè напредува многу брзо“, рече Трамп во интервју за Фокс њуз.

Официјални лица од Централната команда на САД, која ги надгледува операциите на Блискиот Исток, соопштија дека тројца американски војници загинале во акција, а петмина се тешко ранети.

Во соопштението не се наведени детали каде и како биле погодени војниците. Наведено е само дека неколку други војници „се здобиле со полесни повреди од шрапнели и потреси на мозокот и се во процес на враќање на должност“.

Во меѓувреме, Ројтерс, повикувајќи се на списанието „Атлантик“ објави дека американскиот претседател, Трамп вели оти новото иранско раководство сака да разговара со него и дека тој се согласил.

„Сакаат да разговараат, а јас се согласив да разговарам, па ќе разговарам со нив. Требаше тоа да го направат порано. Требаше порано да го дадат она што беше многу практично и лесно да се направи. Предолго чекаа“, рече Трамп во интервју од својата резиденција на Флорида.

Трамп не прецизираше со кого ќе разговара ниту кажа дали тоа ќе се случи во недела или во понеделник.

Тројца американски војници загинаа за време на воената операција во Иран

Црн чад по експлозија откако Израел и САД започнаа удари врз Иран во Техеран/ 1 март 2026 година
Црн чад по експлозија откако Израел и САД започнаа удари врз Иран во Техеран/ 1 март 2026 година

Тројца припадници на американската војска загинаа, а петмина се тешко ранети во рамки на операцијата за напад врз Иран, објави Централната команда на САД.

Уште неколку припадници на војската се здобиле со полесни повреди од шрапнели и потреси на мозокот и се проценуваат пред да се вратат на должност.

Големите борбени операции сè уште се во тек, а напорите за одговор продолжуваат, рекоа официјални лица.

„Ситуацијата е променлива“, се наведува во соопштението од командата, додавајќи дека од почит кон семејствата идентитетот на загинатите нема да биде објавен до 24 часа откако ќе биде известено најблиското семејство.

Нападите ги зголемија тензиите во регионот додека сирените за воздушна тревога се огласуваа низ Блискиот Исток.

Соединетите Американски Држави во саботата соопштија дека започнале „превентивни воени удари“ врз Иран откако заклучиле дека Техеран се подготвува да го употреби својот ракетен арсенал против американските сили и сојузници и дека нема намера да прифати значајни ограничувања на својот нуклеарен програм.

Во неформален разговор со новинарите, високи претставници на администрацијата рекоа дека разузнавачките податоци кои укажувале на потенцијален превентивен ирански напад, во комбинација со, како што наведоа, неуспешните нуклеарни преговори, не му оставиле на американскиот претседател Доналд Трамп „друг избор“ освен да дејствува.

Најмалку деветмина загинати во судири пред американскиот конзулат во Карачи

Протест пред американскиот конзулат во Карачи по убиството на врховниот ирански водач, 1 март 2026 година.
Протест пред американскиот конзулат во Карачи по убиството на врховниот ирански водач, 1 март 2026 година.

Најмалку девет лица загинаа, а 32 се повредени во судири откако стотици пакистански шиитски муслимани, поддржувачи на Иран, разгневени поради смртта на иранскиот врховен водач ајатолах Али Хамнеи, упаднаа во американскиот конзулат во пакистанскиот град.

Организацијата на студенти Имамија (ИСО), студентско крило на шиитските политички и верски групи, се упати кон конзулатот на 1 март, еден ден откако Хамнеи загина во американските и израелските воздушни напади.

Демонстрантите ги скршија прозорците и вратите на конзулатот во обид да ја преземат зградата. Тие го пробија надворешниот безбедносен појас, но не и самата зграда, додека пакистанските безбедносни сили интервенираа, што резултираше со смрт на девет демонстранти, изјавија спасувачките служби за Пакистанскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Официјалните лица наведоа дека ситуацијата во Карачи останува многу напната, додека полицијата се бори да ги задржи демонстрантите, чиј број се проценува на околу 1.500, подалеку од таа област. Друга група, за која се проценува дека е двојно побројна, е видена како се движи кон конзулатот по друг пат во градот. И таму се пријавени судири со безбедносните сили.

Извори од градската администрација изјавија за РСЕ дека војската може да биде повикана во градот доколку бројот на демонстранти продолжи да расте.

Слична ситуација имаше и во други градови низ Пакистан, со протести на шиитски муслимани во Пешавар, Лахор и главниот град Исламабад. Шиитските муслимани сочинуваат околу 20 проценти од населението.

Во Исламабад, стотици демонстранти се соочија со интензивно испалување солзавец од полицијата додека се обидуваа да стигнат до американската амбасада.

Друга група, која според официјалните лица, брои околу 1.000 луѓе, започна протести неколку километри од амбасадата.

„Ги следиме информациите за тековните демонстрации во американските генерални конзулати во Карачи и Лахор, како и повиците за дополнителни демонстрации пред американската амбасада во Исламабад и генералниот конзулат во Пешавар“, соопшти амбасадата во Исламабад во објава на платформата X (Икс).

Во обид да ги задушат немирите, пакистанските власти го применија Членот 144, со кој се забрануваат јавни собири и носење оружје, заедно со други рестрикции.

Во Пешавар се собраа стотици шиитски демонстранти и членови на ИСО, а нивниот број расте. Организаторите изјавија за РСЕ дека планираат марш кон американскиот конзулат. Околу конзулатот се распоредени големи полициски сили, а оклопни возила патролираат низ делови од градот.

Шиитските верски и политички групи исто така започнаа протестно седење пред американскиот конзулат во Лахор. Околу илјада лица, меѓу кои жени и деца, учествуваат во протестот.

Полицијата постави барикади за да ја обезбеди главната порта на конзулатот.

Сѐ повеќе граѓани се обраќаат за помош по ситуацијата на Блискиот Исток

Фотоархива/Министерството за надворешни работи и надворешна трговија
Фотоархива/Министерството за надворешни работи и надворешна трговија

Се зголемува бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија по случувањата на Блискиот Исток.

Министерството информира дека со сите нив се одржува постојан контакт и се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција и нивна безбедна евакуација.

- Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.

Поради ситуацијата на Блискиот Исток, претходно во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија вчера беше формиран кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.

За дополнителни информации и помош, на располагање се:

СОС дежурен телефон (МНРНТ):

075/273-732

Амбасада на Република Северна Македонија во Доха

Тел: +974 50 173 111

Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби

Тел: +971 56 441 7532

Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив

Тел: +972 54 500 8566

Тел: +972 54 967 0546.

Израел започна нови напади откако Трамп изјави дека Хамнеи е мртов

Сателитска слика прикажува црн чад и тешка штета на комплексот на иранскиот врховен водач ајатолах Али Хамнеи во Техеран
Сателитска слика прикажува црн чад и тешка штета на комплексот на иранскиот врховен водач ајатолах Али Хамнеи во Техеран

Израел, по извештаите за смртта на иранскиот врховен водач ајатолах Али Хамнеи, продолжи да бомбардира локации во Иран на вториот ден од масовниот заеднички напад на Тел Авив и Вашингтон врз Исламската Република.

Рано в недела немаше информации за понатамошни американски воздушни напади, откако претседателот Доналд Трамп ден порано изјави дека Вашингтон започнал „големи борбени операции“ против Иран, во еден од најголемите западни напади врз таа блискоисточна земја.

Трамп рече дека „тешкото и прецизно бомбардирање“ ќе продолжи во текот на неделата или можеби подолго.

Шефот на Пентагон, Пит Хегсет напиша на X (Икс) дека „иранскиот режим имал своја шанса, но одбил да склучи договор, и сега трпи последици“.

Ударите го доведоа регионот на работ, додека сирените за воздушна опасност се огласија низ целиот Блиски Исток поради одмаздничките удари на Техеран врз Израел и арапските земји каде се наоѓаат американски воени ресурси.

Откако американските и израелските бомби паднаа врз иранските градови, на улиците на Техеран и неколку други градови, според извештаите, се славеше откако Трамп изјави дека Хамнеи е убиен во американско-израелските напади.

„Хамнеи, еден од најлошите луѓе во историјата, мртов е“, напиша Трамп на Truth Social во сабота. Тој не обезбеди никакви докази кои би ја поткрепиле таа изјава.

„Ова не е правда само за народот на Иран, туку и за сите големи Американци и луѓе од многу земји ширум светот кои беа убиени или осакатени од Хамнеи и неговата банда крвожедни насилници“, додаде Трамп.

Техеран директно не коментираше за изјавата на Трамп, но претходно во саботата издаде неколку деманти по повеќе извештаи вклучително и тврдењата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кои сугерираат дека 86-годишниот Хамнеи е мртов.

Рано во недела, иранската новинска агенција Фарс која е блиска до Исламска револуционерна гарда (ИРГЦ), не одговори на тие извештаи, но наведе дека членови на семејството на Хамнеи биле убиени во израелските напади.

Претходно се појавија извештаи дека биле убиени снаата и зетот на врховниот водач, но иранските медиуми ја демантираа таа вест неколку часа подоцна.

Агенцијата Ројтерс цитираше сведоци кои рекоа дека имало славење во неколку градови вклучително во Техеран, Караџ, Шахавар и Исфахан.

Непроверени видео снимки исто така прикажаа „славење во Шираз и Абданан“, каде се слушаа сирени од автомобили кои носеа фотографии на некои од илјадниците демонстранти убиени при гасењето на антивладините протести во јануари.

Голем удар за режимот

Доколку се потврди дека Хамнеи е мртов, тоа би претставувало голем удар за ослабеното лидерство на таа земја.

Хамнеи имаше речиси диктаторски овластувања откако стана врховен водач во 1989 година по смртта на основачот на Исламската Република, ајатолах Рухола Хомеини.

Како врховен водач, Хамнеи беше гласен противник на обидите на било кои потенцијални умерени лидери да ги подобрат односите со Западот. Тој исто така беше мета на омраза од многумина во Иран кои беа гневни поради репресијата на теократскиот режим во Техеран.

Израелската армија соопшти дека погодила повеќе области во главниот град каде што се собрале високи официјални лица, како и дека погодила ирански локации за лансирање ракети, вкупно 500 цели, со околу 200 воени авиони кои учествувале во првите бранови.

Трамп и Нетанјаху изјавија дека извештаите укажуваат дека во воздушните напади загинале и неколку други лидери.

Израел соопшти дека меѓу загинатите се и високиот советник на Хамнеи, Али Шамкан, и Мохамед Папор, командант на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ).

Рано во недела, израелската армија соопшти дека завршила уште еден круг воздушни напади насочени кон балистички ракети и противвоздушната одбрана во централниот и западниот дел на Иран. Деталите засега не се достапни.

Американската армија која ја нарече кампањата „Операција Епски бес“, соопшти дека нема американски жртви на првиот ден од нападите и дека евентуалната штета на американските објекти во регионот што ги погоди Иран е „минимална и не влијае на операциите“.

Иран го возврати ударот во регионот

Техеран возврати напад врз Израел и седум други земји, вклучувајќи ги државите од Персискиот Залив каде се наоѓаат американски воени објекти.

Бахреин, во кој е сместена Петтата флота на американската морнарица – огромен центар за поморски активности на Блискиот Исток, соопшти дека бил погоден со ракетен напад, додека Катар соопшти дека ги соборил сите ракети насочени кон таа мала земја, која дејствуваше како посредник во американско-иранските преговори за нуклеарниот програм на Техеран.

Трамп му се закануваше на Иран со воени удари доколку не постигне договор за својот нуклеарен програм.

Западот се сомнева дека Техеран сака да изработи нуклеарно оружје, додека Иран наведува дека програмот има исклучиво цивилни цели. Преговорите не успеаја да доведат до напредок.

Иранската новинска агенција Мизан, која е поврзана со иранското правосудство, соопшти дека 108 лица загинале во напад врз училиште за девојчиња во Минабу, обвинувајќи го Израел.

Западните новинари немаа дозвола за пристап до локацијата и таа тврдење не можеше да се потврди.

Експлозии се пријавени на неколку локации во Израел откако Иран лансираше проектили кон својот разгневен непријател.

Израелската служба за вонредни ситуации соопшти дека 40-годишна жена загинала во областа на Тел Авив и дека најмалку 21 лице е повредено на други локации. Засега не е јасно дали експлозиите биле предизвикани од директни погодоци на иранските проектили или од остатоци откако проектилите биле соборени.

Советот за безбедност на ОН се состана во сабота по повод последното насилство, а генералниот секретар Антонио Гутереш повика на итен прекин на непријателствата.

Трамп објави дека Хамнеи е мртов по американско - израелските воздушни напади

Иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи во Техеран на 1 февруари, 2026
Иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи во Техеран на 1 февруари, 2026

Американскиот претседател Доналд Трамп на социјалните мрежи објави дека иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, е мртов, повикувајќи се на повеќе извештаи според кои 86-годишниот тврдокорен лидер бил убиен во американски и израелски воздушни напади.

„Хамнеи, еден од најзлите луѓе во историјата, е мртов“, напиша Трамп.

„Ова не е само правда за народот на Иран, туку и за сите големи Американци и за луѓето од многу земји ширум светот кои биле убиени или осакатени од Хамнеи и неговата банда крволочни насилници.“

„Тој не успеа да ги избегне нашите разузнавачки и високо софистицирани системи за следење и, во тесна соработка со Израел, немаше ништо што тој, или другите лидери кои беа убиени заедно со него, можеа да направат“, додаде Трамп.

До вечерта на 28 февруари немаше официјална потврда од Техеран за смртта на 86-годишниот врховен лидер на Иран — што, доколку е точно, би претставувало сериозен удар за веќе притиснатото иранско раководство.

Хамнеи има речиси апсолутни овластувања во Иран откако стана врховен лидер во 1989 година, по смртта на основачот на Исламската Република, ајатолахот Рухолах Хомеини.

Ројтерс претходно го цитираше израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој изјави дека постојат „знаци“ дека врховниот лидер бил убиен во нападите.

„Утрово го уништивме комплексот на тиранинот Хамнеи“, рече Нетанјаху во видео-обраќање.

„Постојат многу знаци дека овој тиранин повеќе не е жив. Утрово елиминиравме високи функционери од режимот на ајатоласите, команданти на Револуционерната гарда, високи личности од нуклеарната програма — и ќе продолжиме. Во наредните денови ќе погодиме уште илјадници цели на терористичкиот режим“, додаде Нетанјаху.

update

Почна седницата на Советот за безбедност во Вила Водно

Седница на Советот за безбедност/01.03.2026
Седница на Советот за безбедност/01.03.2026

Почна седницата на Советот за безбедност што ја закажа претседателката, Гордана Сиљановска-Давкова на која на дневен ред е безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а на седницата присуствуваат членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат, на седницата е вклучен преку видео - врска.

На седницата се присутни и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал - мајор Сашко Лафчиски.

Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.

Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија е определен со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.

Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за што одлучува претседателот на Советот.

Согласно последниот развој на безбедносната состојба на Блискиот Исток, претходно, на 28 февруари, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија формираше кризен штаб кој како што соопштија оттаму, континуирано ја следи состојбата и е достапен 24 часа дневно за сите потреби поврзани со помош, поддршка и асистенција на македонските државјани.

Иран во дигитален мрак поради блокирање на интернетот среде нападите

Техеран по нападите на 28 февруари
Техеран по нападите на 28 февруари

Во Иран е на сила „речиси целосен“ прекин на интернетот додека Соединети Американски Држави и Израел спроведуваат координирана кампања на воздушни напади низ земјата.

Според податоците на организацијата за мониторинг на интернетот НетБлокс, интернет-поврзаноста е падната на само четири проценти, што сериозно го ограничува протокот на информации додека воените операции се засилуваат.

Дигиталното исклучување започна набргу откако неколку ирански новински веб-страници, вклучително и официјалната новинска агенција ИРНА, објавија дека се цел на сајбер-напади.

НетБлокс наведува дека тековното нарушување на интернетот „соодветствува на мерките“ што ги презеде иранската влада за време на 12-дневниот судир со Израел минатиот јуни, што сугерира дека прекинот на интернетот е државен напор.

Воената операција, која американскиот претседател Доналд Трамп ја опиша како „големи борбени операции“, е започната заедно со Израел со цел да се демонтира иранската ракетна и нуклеарна инфраструктура.

Во видео-обраќање, Трамп изјави дека целта е да се елиминираат „непосредните закани“ за американскиот народ и сојузниците.

Нападите во Техеран се насочени кон највисоките нивоа на раководството на Исламската Република.

Проектилите наводно погодиле станбени комплекси на врховниот водач, ајатолахот Али Хамнеи, и на претседателот Масуд Пезешкијан во центарот на градот. Новинските агенции, повикувајќи се на информирани извори, наведуваат дека двајцата лидери се преместени на безбедни локации и дека се наоѓаат на сигурно.

МНР: Единаесет македонски граѓани побарале евакуација од Израел

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Скопје/Фотоархива
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Скопје/Фотоархива

Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, соопшти денеска (28 февруари) Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

- Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба - информира Министерството.

Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.

Во однос на дипломатско-конзуларните претставништва во Доха и Абу Даби, заклучно со овој момент ниту еден македонски државјанин нема побарано евакуација, велат од ресорното министерство.

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, како и преку дежурните служби, е во континуирана комуникација и целосно на располагање на македонските државјани за потребна помош и координација – се додава во соопштението.

Министерството апелираше и македонските државјани кои се наоѓаат на територијата на Државата Катар и Обединетите Арапски Емирати внимателно да ги следат официјалните информации и да постапуваат согласно упатствата на надлежните институции на земјите домаќини.

-Истовремено, апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба – посочуваат од Министерството.

Согласно информациите добиени од Амбасадата на Република Северна Македонија во Тел Авив, воздушниот простор над Израел е затворен за цивилни летови до понатамошно известување.

Сите комерцијални влезни и излезни летови се суспендирани, без конкретна најава за обновување на редовниот воздушен сообраќај.

Македонските државјани во случај на потреба од помош може да се обратат во Амбасадата на Република Северна Македонија во Тел Авив на тел. броеви +972 54 500 8566 и +972 54 967 0546 или по е-пошта telaviv@mfa.gov.mk

Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со заканите на Блискиот Исток

Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

- Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција, но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“.

Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.

update

Блискиот Исток на раб на криза откако Трамп почна „голема борбена операција“ против Иран

Чад се издига по експлозии за кои се јавува во Техеран, 28 февруари, 2026
Чад се издига по експлозии за кои се јавува во Техеран, 28 февруари, 2026

Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека Вашингтон започнал „големи борбени операции“ против Иран, ставајќи го Блискиот Исток на работ на ескалација, додека сирени за воздушна опасност одекнуваа низ регионот по одмаздничките напади од Техеран.

Во видео-обраќање објавено на социјалните мрежи, Трамп на 28 февруари изјави дека неговата цел при наредбата за бомбардирање на Иран — извршено во координација со израелските сили — била „да го заштити американскиот народ со елиминирање на непосредните закани од иранскиот режим“.

„Оваа изјава не ја давам лесно. Иранскиот режим има намера да убива“, рече Трамп во видеото со кое ја најави операцијата, именувана од Пентагон како „Епска фурија“.

„Животите на храбрите американски херои може да бидат загубени и можеме да имаме жртви — тоа често се случува во војна — но ова не го правиме за сегашноста. Го правиме за иднината, и тоа е благородна мисија.“

Трамп вети дека ќе ги блокира нуклеарните амбиции на Иран Трамп вети дека ќе ги блокира нуклеарните амбиции на Иран
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:25 0:00

Иранската Исламска револуционерна гарда (ИРГЦ) одговори на американските и израелските напади со лансирање во неколку наврати дронови и балистички ракети кон Израел. Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека операциите за пресретнување се во тек и подоцна информираа дека нови бранови ракети се насочени кон Израел.

Иран, исто така, истрела ракети кон цели во Абу Даби, Дубаи и Бахреин. Државните медиуми во Обединетите Арапски Емирати објавија дека едно лице загинало во Абу Даби, но без дополнителни детали.

Иранските медиуми јавија за експлозии во неколку градови, вклучувајќи ги Техеран, Табриз, Исфахан, Ком, Лорестан и Чабахар.

Видео и фотографии покажуваат најмалку еден голем облак од чад што се издига над главниот град.

Трамп го обвини Техеран дека се обидува повторно да ја обнови својата нуклеарна програма, откако Соединетите Држави бомбардираа клучни објекти за време на 12-дневната војна меѓу Иран и Израел минатиот јуни. Тој рече дека САД имаат цел да ги уништат иранските ракетни капацитети и да ја „уништат“ неговата морнарица.

„Часот на вашата слобода е на дофат“, додаде Трамп, во очигледна порака до иранската јавност.

Трамп претходно вети дека „помошта е на пат“ за време на смртоносните јануарски протести против иранското свештеничко раководство, во кои, според извештаи, биле убиени илјадници луѓе. Техеран ги задуши немирите и ги обвини Соединетите Држави и Израел дека стојат зад нивната организација.

Нападите претставуваат драматична ескалација на тензиите на Блискиот Исток и речиси целосно ги уништуваат надежите за дипломатско решение меѓу Техеран и Вашингтон во врска со иранската нуклеарна програма.

Американски и ирански претставници одржаа нова рунда нуклеарни разговори со посредство на Оман во Женева на 26 февруари, што беше оценето како последен обид да се избегне голем воен конфликт меѓу двете страни.

Оманскиот министер за надворешни работи Бадр ал-Бусаиди, кој има долгогодишно искуство во посредување меѓу двете страни, изјави дека видел „значителен напредок“ и најави дека следната недела во Виена ќе се одржат технички разговори.

Тој рече дека е „разочаран“ од нападите врз Иран и дека тие го „поткопале“ мировниот процес.

„Преговорите меѓу Вашингтон и Техеран очигледно не се одвиваа онака како што Трамп би сакал“, изјави за РСЕ/РЛ Мајкл Хоровиц, независен одбранбен експерт со седиште во Израел.

„Дури и во однос на нуклеарното досие, Иранците не беа подготвени да попуштат во одредени аспекти што ќе му помогнеа на Трамп да го ‘продаде’ новиот договор како подобар од оној од кој се повлече за време на неговиот прв мандат. Јазот едноставно е преголем за да се премости преку разговори.“

Експлозии најпрво беа пријавени во центарот на Техеран, а на социјалните мрежи се појавија фотографии и видеа на кои се гледаат облаци од чад што се издигаат над градот.

Новинската агенција Фарс, поврзана со Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), соопшти дека „неколку ракети“ ги погодиле улиците Данешгах (Универзитетска) и Џомхури (Република).

Засега нема информации за жртви. Агенцијата Тасним, која е блиска до ИРГЦ, објави дека иранскиот воздушен простор е затворен.

По нападот се огласија сирени низ Израел, а израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека им наложиле на жителите да останат во близина на заштитени простории.

Воените власти наведоа дека предупредувањето е превентивна мерка за да се подготви јавноста за можноста од одмазднички ракетен напад.

Први реакции на ЕУ по нападот врз Иран

Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, ги оцени настаните на Блискиот Исток како „опасни“ откако американските сили започнаа воени операции во Иран.

„Иранскиот режим уби илјадници луѓе. Неговите балистички ракетни и нуклеарни програми, заедно со поддршката на терористички групи, претставуваат сериозна закана за глобалната безбедност. ЕУ усвои силни санкции против Иран и ја поддржа дипломатската резолуција, вклучувајќи го и нуклеарното прашање“, објави Калас на платформата X (Икс).

Таа потврди дека разговарала со израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар и со други министри од овој регион, како и дека ЕУ тесно координира со арапските партнери за да разгледа дипломатски решенија.

Калас потврди дека се повлекува неесенцијалниот европски персонал од овој регион со помош на конзуларната мрежа. Таа ја подвлече потребата од заштита на цивилите и предупреди дека меѓународното хуманитарно право мора да биде приоритет.

Шефицата на европската дипломатија потврди дека одбранбената операција за поморска безбедност под водство на ЕУ, под името ASPIDES, останува во состојба на висока подготвеност во Црвеното Море и е подготвена да помогне во одржувањето на отворен морски коридор.

Претседателот на Франција, Емануел Макрон пак, оцени дека нападите врз Иран носат сериозни последици за меѓународниот мир и безбедност. Тој потврди дека Франција свикала итен состанок на Советот за безбедност на Обединетите Нации.

„Тековната ескалација е опасна за сите. Мора да запре. Иранскиот режим мора да разбере дека повеќе нема друг избор освен да се вклучи во преговори со добра волја за да ги заврши своите нуклеарни и балистички програми, како и своите акции за регионална дестабилизација. Ова е апсолутно неопходно за безбедноста на сите на Блискиот исток“, порача францускиот претседател.

Експлозии во Катар и Бахреин

Експлозии и сирени за воздушна тревога се слушнаа во Доха, главниот град на Катар. Катарското министерство за одбрана соопшти дека „успешно одбиле низа напади насочени кон територијата на земјата“, пренесува Би-Би-Си повикувајќи се на државните медиуми.

Катар е домаќин на воздухопловната база Ал Удеид, најголемиот американски воен објект во регионот.

Освен во Катар, експлозии се слушнаа и во Бахреин. Нивниот комуникациски центар соопшти дека сервисниот центар на Петтата флота на американската морнарица бил „изложен на ракетен напад“, според изјава цитирана од државната Бахреинска новинска агенција (BNA).

Во Бахреин се наоѓа седиштето на Петтата флота, чија зона на одговорност ги опфаќа Заливот, Црвеното Море, Арапското Море и делови од Индискиот Океан.

Немаше непосреден коментар од американската војска, иако американската амбасада претходно ги предупредила граѓаните да побараат засолниште поради пријавени закани од ракети и дронови над Бахреин.

Напад врз училиште за кој извести Иран

Сè уште се нејасни деталите околу наводниот американско-израелски напад врз училиште за девојчиња во Минаб, на југот на Иран.

Иранските официјални лица и државните медиуми тврдат дека во нападот загинале 40–85 лица, претежно млади девојчиња, додека објавените снимки прикажуваат урнатини и расфрлани училишни ранци.

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан го осуди, како што наведе, „варварскиот чин“ кој „предизвикал длабока болка во срцата на иранската нација“.

Меѓутоа, на интернет се појавија и спротивни тврдења, главно од иранската опозиција, според кои нападот всушност бил погрешно испукана ракета на Корпус на исламската револуционерна гарда (ИРГЦ).

Според некои медиумски извештаи, во Минаб се наоѓа база на Корпус на исламската револуционерна гарда.

Снимката споделена на X (Икс), која наводно ги прикажува последиците од нападот, всушност ги прикажува последиците од нападот на талибанците врз воено училиште во Пешавар, во Пакистан, во 2014 година.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG