Достапни линкови

Фантастичните Махатели и Шестериков солисти во „Лебедово езеро“


Со солистите Маја Махатели од Грузија и Артур Шестериков од Русија, првенци на Холандскиот национален балет и уметници со голема балетска кариера, в недела на 12 мај во 20 часот, во рамките на 47-то издание на МОВ, ќе биде изведен „Лебедово езеро“ од Чајковски, еден од најубавите балети.

По само три дена од убавото отворање со една поинаква, футуристистичка „Аида“ на Верди, инаку продукција на Театарот „Карло Феличе“ од Џенова, Италија, 47-те Мајски оперски вечери продолжуваат со единствениот балет на манифестацијата. А, изборот е вистинска посластица за љубителите на класиката - еден од најубавите балети во оваа уметност „Лебедово езеро“ од големиот руски композитор Петар Илич Чајковски.

Ова подразбира дека домашната публика, во случајов, ќе има можност на сцената да ги види креациите на неколку врвни светски балетски уметници. Имено, во улогата на Одета и Одилија, белиот и црн лебед, ќе настапи Маја Махатели од Грузија, додека нејзин партнер ќе биде Артур Шестериков од Русија кој е задолжен за улогата на принцот Зигфрид, инаку првенци на Холандскиот национален балет со бележита балетска кариера зад себе и брачна двојка во приватниот живот. А, кога сме веќе тука да кажеме и тоа дека како Ротбар ни доаѓа познатиот Давиде Буфоне од Италија, со оркестарот ќе диригира маестра Бисера Чадловска, кореографијата е на Виктор Јаременко од Украина, сценографијата на Андреј Злобин, костимографијата на Гана Ипатиева, а настапува безмалку комплетниот балетски ансамбл на Националната опера и балет.

„Гостите се навистина ексклузивни. За Маја Махатели можете да погледнете по сите социјални мрежи и да видите во каква голема експанзија како уметник е. Таа е доста барана во Европа и во светот и ние навистина сме радосни што една таква ѕвезда ни доаѓа кај нас токму на ова издание на Мајски оперски вечери. Ние често го играме „Лебедово езеро“, но сега дополнително работиме на неговото усовршување со идеја да ги покажеме врвните дострели на оваа уметност на манифестацијата“, вели Олга Панго, уметнички раководител на Балетот.

И, по ова ред е да ги посегнеме по поединечните биографии на носителите на главните улоги во „Лебедово езеро“.

Маја Махатели е родена во Тбилиси каде го започнува нејзиниот балетски пат на Кореографскиот институт на Вахтан Чабукиани. Во 2002 година заминува во САД каде во Колорадо го продолжува нејзиното усовршување. Како финалист и добитник на повеќе награди на неколку натпревари, поканета е да стане дел од ансамблот на Балетот на Колорадо, ансамблот каде набргу напредува до позицијата балетски играч-солист. Во 2005 година заминува во Бирмингам станувајќи член на Кралскиот балет, за во 2006 година да го премине Каналот и се вдоми во престижниот Државен балет на Холандија каде денес е примабалерина.
Махатели е добитник на наградaтa Нина Ананиjашвили и Гилберт Алберт во 2011 година, а во 2014 е номинирана за наградата Избор на критичарите во Холандија за нејзината изведба во „Жар птица“ во кореографија на Алексеј Ратмански и за Падеде од Чајковски во кореографија на Бланшин. Конечно таа во 2015 година ја добива наградата „Александра Радиус“ за особени достигнувања во балетската уметност.

Од друга страна, Артур Шестериков е роден во поранешен СССР во балетско семејство. Во 2002 година, веднаш по завршувањето на Балетската школа во Перм со највисоки оценки станува член на балетскиот ансамбл на Операта и балет во Перм. Уште како млад балетски играч му е дадена довербата за изведба на сложени солистички партии и главни улоги поради што зема учество на бројни турнеи со оваа балетска трупа.

Во 2007 година Шестериков добива покана да стане член на Холандскиот национален балет, а набргу потоа е прогласен за солист во овој признаен ансамбл.

За неговите достигнувања добитник е на наградата „Александра Радиус“, а во 2004 година е финалист на Меѓународниот натпревар „Арабеск“ на кој му е доделена наградата за најталентиран млад балетски играч.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG