Достапни линкови

Пучиниевата „Боеми“ за отворање на 46-те Мајски оперски вечери


Со премиерата на „Боеми“ од Џакомо Пучини во режија на Дејан Прошев, со солистите Ѓорѓи Цуцковски и Благица Поп Томова во сторијата за љубовниците Родолфо и Мими, оваа среда, на 9 мај, во МОБ, ќе започне 46 издание на Мајски оперски вечери, еден од ретките оперски фестивали во Европа. Манифестацијата ќе се одвива под мотото „Го славиме Пучини“ во чест на 160-годишнината од раѓањето на безвремениот оперски мајстор.

Една убава традиција продолжува засилено да живее. На Скопје и на македонските љубители на оперската уметност, од 9 до 31 мај, ќе им се случува 46 издание на Мајски оперски вечери, еден од ретките вакви фестивали на Стариот континент. Манифестацијата овојпат ќе се одвива под мотото „Го славиме Пучини“ и ќе биде во знакот на 160 -годишнината од раѓањето на големиот оперски мајстор. Ова подразбира дека на годинешното издание на Фестивалот, покрај премиерата на „Боеми“ во режија на Дејан Прошев, со Ѓорѓи Цуцковски и Благица Поп Томова како солисти, ќе бидат изведени уште две други грандиозни оперски дела „Тоска“ ( 12 мај) и „Турандот“ ( 19 мај), а тука е и гала оперскиот концерт „Пучини и Росини“ ( 23 мај) со кој наедно ќе биде одбележан уште еден јубилеј – 150 години од смртта на Џоакино Росини.

„Боеми“ на сцената на МОБ доаѓа по пауза од 11 години и овојпат приказната за љубовниците Мими и Родолфо како режисер за нафати да ја потпише Дејан Прошев.

„Боеми“ е една комплексна опера и многу ми е драго што со моите колеги и моите пријатели имавме одлична атмосфера за време на пробите. По еден таков креативен процес во кој буквално другарувавме, мислам дека направивме одлична претстава во чиј квалитет оваа среда останува да се увери и публиката, сите познавачи и сите наши поддржувачи сите овие години“, вели Прошев.

Од друга страна, во поставката на „Боеми“ на Стојан Стојанов – Ганчев од 2007 година, тогаш како млади и потентни, но сепак без неопходното сценско искуство, своето деби го имале и тројцата солисти Ѓорѓи Цуцковски како Родолфо, Горан Начевски - Марчело и Ристе Велков во улогата на Шонар. Од таму, не чуди кога Цуцковски знае да каже дека неговата улога е врв во вокално-интерпретаторскиот тенорски фах.

Од аспект на мојот лик Родолфо претставува врв во вокално-интерпретативниот тенорски фах така што одговорноста е навистина голема и се надевам дека како вокално, така и актерски ќе дадам максимум за успешност на претставата којашто ни претстои. Ние сме подготвени, сценографијата е прекрасна и се* што можам да кажам е дека оваа вонвременска тема за љубовта преточена во прекрасното дело на Пучини ќе биде едно вистинско уживање за сите посетители за свеченото отворање на Мајски оперски вечери, смета Цуцковски.

Неговата партнерка на сцената, сопранистката Благица Поп Томова, пак, ќе дебитира во улогата на Мими, ликот за кој истакнува дека отсекогаш сакала да го отпее.

„Јас сум пресреќна бидејќи конечно ќе го толкувам овој лик, Мими во операта „Боеми“, она што отсекогаш сум сакала токму него да го отпеам, да и го презентирам на нашата публика. Се чувствувам неизмерно среќна што со една таква роља и со моите колеги ќе ги отвориме Мајските оперски вечери 2018“, појаснува певицата.

Инаку, во екипата за оваа претстава предвидена за чинот на отворањето на Фестивалот се уште седум солисти, настапува хорот и оркестарот на МОБ под раководство на италијанскиот диригент маестро Џанлука Мартиненги, сценограф е Зоран Николовски, а за костимите се погрижи Марија Пупучевска.

На програмата на 46-те Мајски оперски вечери, покрај пучиниевите „Боеми“, „Тоска“ и „Турандот“ се уште две оперски претстави - „Змеј од Босна“ на Националната опера на Босна и Херцеговина (22 мај) и Веридевата „Аида“ со која, пак, традиционално на 31 мај ќе биде сторен чинот на затворање на оваа наша културна манифестација.

Бисера Чадловска, директорката на Операта, во пресрет на отворањето на Фестивалот, знае да каже дека „се потрудиле грижливо да изберат наслови и солисти со кои се надеваат дека ќе ги задоволат вкусовите на најголемите вљубеници во операта, но и на најострите критичари“. Прашана, пак, за тоа кога на Мајски оперски вечери како манифестација ќе се најде повторно дело од домашен автор и како да се стимулира македонското оперско творештво, Чадловска со појаснување дека од изведбите на „Лидија од Македонија“ на Ристо Аврамовски, или „Цар Самоил“ на Кирил Македонски во 2009 година, немало македонско дело на Фестивалот.

„Причината за тоа е што ретко македонските композитори пишуваат, се нафаќаат да напишат опера бидејќи тоа е комплексен процес и им треба повеќе време. Тука се работи за конкурси, нарачки од страна на куќата, некои поголеми финансиски конструкции...но јас се надевам дека на следните конкурси на Министерството за култура ќе се појави некое такво дело кое ние би можеле да го изведеме и со задоволство би го извеле. Посебно после успехот на операта на колегата Горан Начевски - „Помеѓу соништа и летови“ која го наполни Салонот“, вели Чадловска.

Кон ова само уште неколку значајни информации. На 46-те Мајски оперски вечери ќе се случи и концертот „Балетски бисери“ ( 15 мај) со кој „ќе бидат опфатени најубавите балетски дела со учество на солисти-првенци, балетскиот ансамбл и гости од Србија, Хрватска и Бугарија“, а во пресрет на 70-годишнината од основањето на Балетот на МОБ ќе биде отворена и изложбата „Почетоци“ посветена на првите генерации балетски уметници во Македонија.

Во придружната програма се уште две изложби #retrOpera - со која МОБ се придружува на европската иницијатива Европски оперски денови, и ретроспективната изложба на дела од долгогодишната кариера на уметникот Васе Урдин.

Во оф-програмата е и промоција на монографија за оперската примадона Зина Креља - првенка и една од основоположниците на МОБ, потоа Вечер со Аки Нуредини - „До ре ми фа Соле“, а на последниот ден од манифестацијата ќе бидат одбележани и 100-те години од раѓањето на Данка Фирфова, оперската певица која им припаѓа на првите драмски сопрани во Република Македонија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG