Демократката од Калифорнија Ненси Пелоси, сепак изјави дека Претставничкиот дом не брза со гласање во врска со јавниот обвинител Вилијам Бар за непочитување на Конгресот.
Бар одби да му го достави на Конгресот целиот извештај на специјалниот советник Роберт Мулер за неговата истрага за наводите за руското мешање во претседателските избори.
„Секој ден тие ја рекламираат нивната опструкција на правдата со игнорирање на судските покани и со декларирање дека луѓето не треба да доаѓаат и да зборуваат во Конгресот за да може американскиот народ да ја открие вистината за руското нарушување на нашите избори за да не се случи повторно“, изјави Пелоси.
Комитетот за правосудство предводен од демократите усвои изјава против Бар, поради тоа што тој не ја почитувал судската покана за претставување на целосниот извештај на Мулер.
Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп нагло го смени неговото мислење, наведувајќи дека ќе му дозволи на главниот обвинител Вилијам Бар да реши дали специјалниот советник Роберт Мулер ќе може да сведочи пред Конгресот.
„Па, јас ќе го оставам тоа на нашиот главен обвинител и тој ќе донесе одлука за тоа.“
Претходно, Трамп на Твитер напиша дека Мулер не треба да се појави пред конгресмените.
Како и да е, Трамп ги повтори нападите врз Мулер, во чиј извештај се наведува дека претседателот постојано се обидувал да ја попречи неговата истрага за улогата на Русија на претседателските избори во 2016 година.
„Боб Мулер не е мој пријател, имав конфликти со него.“
Трамп ги негира наводите на Мулер и најави дека ќе се бори против сите конгресни покани.
Американскиот Устав му дава на Конгресот широки овластувања за да ги испита активностите на претседателот.