Достапни линкови

Мит е дека стручните работници се на помалку платени места


Илустрација. Работник. струја.
Илустрација. Работник. струја.

„Средно што е вредно“ е кампањата што деновиве почнува да ја спроведува Министерството за образование, со која ќе се даде поддршка на развојот на средните стручни училишта во земјата. Упатените велат дека резултати може да се очекуваат од идната година зашто уписите се во јуни.

Упатените по кампања што деновиве ја почна Министерството за образование за поддршка на развојот на средните стручни училишта очекуваат резултати дури од идната година.

Како што изјави директорот на ЕМУЦ 8 Септември, Кенан Асани, интересот меѓу учениците за стручно образование засега е многу мал. Според него, за да има подобрување кампањата требало да почне порано, затоа што уписите се за еден месец.

„Доцна е, во јуни кога ќе бидат уписите децата повторно најмногу ќе отидат во гимназиите. Правиме напори со стипендирање, но мора да одиме напред и мислам дека ќе успееме. Минатата година само 14 деца беа запишани, тројца во македонските и 11 во албанските паралелки. Мора овојпат и Владата да се ангажира како што направија со Министерство, ама резултати може да има догодина, сега веќе е доцна“, вели Асани.

Тој дополнува дека во минатото во ова училиште се запишувале и по 900 ученици а сега нивниот број е 100.

Малиот интерес за упис во средните стручни училишта и дефицитот на стручни занимања, како и неусогласеноста на потребните вештини со образовниот систем се проблем кој го има државата во последните неколку години.

Согледувајќи ги потребите на компаниите кои работат претежно на територијата на општина Гази Баба, но и пошироко, од квалификуван кадар, и недостигот на работна сила, Асани вели дека ги мотивираат компаниите да стипендираат ученици. Според него, неопходно е да се смени и ставот на работодавачите за платата од 15 илјади денари, која ја нарече смешна.

„Ги мобилизиравме и компаниите имаме меморандуми за соработка, имаат потреба од профили како машинисти. Инсистираме да стипендираат ученици. 300 евра доаѓа годишно за ученик. Тоа за нив се смешни пари, ако им требаат двајца или тројца ученици. Има 890 слободни работни места само на територија на Гази Баба. Проблем е зашто младите бегаат во странство. Им велам на работодавачите дека за 15 илјади никој не сака да работи и тоа компаниите треба да го надминат“, вели Асани.

Тој вели дека стручните работници со средно образование треба да работат на повеќе платени работни места, и додава дека платата во почетокот треба да изнесува 20 илјади денари со можност натаму да се зголемува.

Гоце Пешев од Асоцијацијата на компании од металната и електро- индустријата вели дека во последните неколку години во металната и електро-индустријата е забележан тренд на зголемување на платите.

„И присуството на странските директни инвеститори во земјава ја зголемува конкурентноста на оваа индустрија и интересот на компаниите за нови работници. Има една парадоксална ситуација, се повеќе бизнисот има потреба од поголем број на работници, а помал е бројот на слободни работници и тоа е причина, нормално и усовршувањето на производствените практики придонесува з а зголемување на платите и станување на овие позиции за поконкуренти“, вели Пешев.

Ова ќе биде една од темите и на претстојниот саем што ќе се одржи на 10 и 11-ти месецот во ЕМУЦ.

Организаторите очекуваат на отворените денови на кои се поканети средните стручни училишта и компаниите, да има и претставници од Владата од кои ќе побараат и субвенционирање на ученици во стручните училишта.

Пешев вели дека сакаат потенцијалот на индустријата да го доближат до младите.

„Намерата е децата од основните училишта и нивните родители да видат дека можностите за запишување во ваков тип образование и понатаму можностите за вработувања се големи. Не доволно се познава потенцијалот на оваа индустрија која нуди можност за вработување, а натаму и доусовршување со запишување на факултет“, вели Пешев.

Анализата за потребата од вештини на пазарот на работна сила покажува дека од околу 3.000 испитани компании, дури 1.880 се изјасниле дека во наредниот период од шест до 12 месеци ќе реализираат 18.500 вработувања, од нив речиси 10.800 работни места или околу 58 проценти ќе бидат наменети за лица со средно образование.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG