Мирослав Масин е сликар. Уметник. Еден од оние кого да го немаше требаше да го измислиме оти без неговата присутност и не може да се замисли нашава културна реалност. И, не само сега туку низ годините наназад, се некаде онаму до втората половина на 1980-те кога започнал да ги изложува своите духовни немири. За да потем студиски претстојува во Велика Британија, Франција, Чешка... и го впива вниманието на љубопитните трагачи по уметнички возбуди со своите самостојни сликарски поставки, со инсталациите и перформансите, учеството во реализација на видео спотови, подготовки за сценски дизајн за театарски претстави и мјузиклот „Пенелопе Икс“...
И во набројувањето вака би оделе во недоглед оти каде и да се појави тој со својата уметност и со вродената боемштина што му остава лузни на душата, желбата за едноставна човечка комуникација и нагласената потреба за дружба со публиката, онаа што може да ги плати неговите творби но и онаа што може само со поглед да им се насладува, едноставно освојува. Од таму и разбирливо е следењето на секој негов уметнички потег, како оној одамна кога се дружеше со својот пријател – мајмунот Коко во неговиот кафез во скопската Зоолошка градина на пример, како и на секоја ѓурултија врзана со неговото име и презиме. Помеѓу тие две крајности е Миро Масин – уметникот и човекот кој, фала му на Бога, е наш современик. Автор кој од поодамна не се занимава со трендови ( веројатно затоа што ги создавал и создава) и кој ужива во својата уметност не разбрана како проклетство туку како извор на постоењето.
И, по прошетките со платната и експонатите, со делата во регионот, тој од 5 април и се до 4 мај е нагласено присутен во скопската галерија „Акантус“ каде од своето ателје пренесе педесетина што слики, што насликани предмети, скулптури...објекти. Од таму поставката не случајно е насловена „Од кујната на Масин“ и е еден вид предигра на неговата голема „институционална“ изложба планирана за крајот на летото која треба да осамне во МАНУ.
За неа, за ова навидум не планирано скокоткање на културната јавност, неговиот собеседник писателот Тихомир Јанчовски во каталогот ќе забележи: Како и многу други сликари, Миро’ дошол во фаза кога не слика само на правоаголни платна, класично, туку на сѐ што има површини за сликање. Криви, овални, вдлабнати, испакнати... секакви. Еве, освен „нормални“ слики од циклусот „Enchante“, на изложбава има едно 15 музички инструменти што се исправни и можат да свират, ама се осликани. Од сите страни. Неколку гитари, две мандолини, балалајка, контрабас... има и пијано, ама не знам дали ќе успее да го довлечка до галеријата, многу е габаритно, пустото. Овие свират, не се само убави. Има и труба и виолина, ама тие се скулптури-светилки, и на нив не може да се музицира.
Освен музичко-ликовниве дела, има и еден стоечки часовник, десетина осликани теракоти (грнци и пајнци) и... едно сукало. Многу шарено и шик. Мене тоа ми е нај. За вас не знам, ќе си видите.
Тој и со дополна дека „сликарството на Масин на оваа изложба е во огромен дел апстрактно, и како такво, не е многу податно за прецизни толкувања“.
Ич да не ви е битно што сакал тој да претстави, и дали насликаното е во некаков тренд, каква му е идејата, приказната, длабочината, потегот со четката, колоритот... и слично. Гледајте вие да најдете нешто што ќе ве поврзе со формите и боите што ги гледате, и ако ви успее, најдете си во делото сопствена приказна, пишува Јанчовски.
И, кога сме веќе кај приказните, а Масин верувајте е преполн со нив и согласно расположбата и нема проблеми да го фати ритамот во раскажувањето (се разбира ако има мотив и инспирација за тоа), првично што ќе нагласи во однос на тековната понуда дека е тоа камерна поставка, разбиена во неколку одаи на Галеријата или „мала групна изложба на Масин“ со избор на веќе демек „познатото“ и „ете една единствена слика од 2019-та“. И, згора уметникот кој дебело ја грицка петтата деценија од животот знае да каже дека „како слободен уметник веќе е во години кога најмногу и пред сè го интересира самата уметност“.
„Јас сум го избрал овој пат. Штом не сум се обидел досега да сменам професија, значи уживам во сликарството. Кога сакаш да правиш некоја работа, ќе се насочиш таму и ќе се ангажираш да успее. Не е лесно да бидеш слободен, невработен сликар во ваква мала држава во која постојано има некои превирања. Не е лесно да опстоиш со работа која не е неопходна, зашто дома не мора секој да има слика. Тешко е кај нас, но и во Берлин или Њујорк не живеат многу лесно. Најважно ми е дека сум самиот задоволен со себе во своето ателје и да комуницирам со публиката. Публиката ме сака мене и јас ја сакам публиката“, вели Масин.
Говорејќи за сопственото творечко кредо, за не бркањето трендови, и за тоа колку свесно тој сака да и се допадне на публиката преку делата, уметникот најнапред со констатација дека сликарството е јавна работа и дека е нормално што секој, свесно или потсвесно сака да се допадне, да живее и преживее од сопственото творештво.
„Не го разбирам тоа како нешто комплицирано, туку повеќе како нешто што си доаѓа последователно – едно по друго. Како времето минува јас се повеќе сум опуштен. Мене сега ми е најубаво во ателјето. Додека сликам. Не се трудам да му се допаднам некому. Навистина сакам мене да ми е ќејф кога сум дома и кога си сликам. Кога сум со кучето или кога ќе ми дојдат пријатели. После судот на јавноста ќе си го каже своето. Ќе го жвака тоа и стално ќе има и вакви и такви. И такви кои ќе бидат воодушевени и такви што не можат да ме поднесат и ќе фрлаат со дрвја и камења. Дефинитивно сум повеќе опуштен сега отколку некогаш. И можам да си го дозволам тоа. Дали биле тука оние со подлабоки џебови или не биле – јас сум задоволен. Кога си помлад кога почнуваш, раснеш, се развиваш... нормално е дека е по комплексно. Сега некако полека ги надминувам баналните работи“, истакнува Мирослав Масин.
Во дополна како појаснување на сопствената потреба да ги отсликува предметите, музичките инструменти, часовниците...тој со изјава дека „во уметноста се* е веќе измислено, направено...и модерна и постмодерна...дека самиот правел перформанси и станал славен по случајот во Зоолошка градина кога со него ги отвориле вестите на МТВ...“
„Денес немам предрасуди и секогаш си барам медиум кадешто најлесно можам да ја реализирам некоја идеја. Со помалку работа да стигнам подалеку. Сега ни со зајак не влегувам во кафез, а камоли со мајмун. Затоа ги сликам инструментите на кои можеш да свириш, часовниците...Се си мислам дека би било убаво да ги насликам оџаците на РЕК Битола. Чупот ми беше само за проба, а оџаците е ...тоа е она вистинското. Голема, огромна површина. И богами добар хонорар за тоа“, смета Масин.