Достапни линкови

Жените во Ирак жртви на модерното ропство


Илустрација: Ирачани поминуваат покрај продавница за венчаници во градот Диванија

Традицијата и обичаите ги претвораат жените и девојките во Ирак во жртви на модерно ропство. Племенските лидери ги нудат како надомест на штета во случај на спор со друго племе и честопати тинејџерки се принудуваат на брак.

По две недели присилен брак, 22-годишната Маријам се запалила со бензин како знак на саможртвување. Таа била присилно омажена за нејзин братучед според ирачкиот племенски обичај. Шеикот Хајдар Саадун се сеќава дека по нејзиниот обид за самоубиство поминала три дена во болницата во јужната провинција Мисан пред да им подлегне на повредите.

„Колега од факултет, но од друго племе, ѝ понуди брак, но нејзиното семејство го одби. Тие рекоа дека ги поседуваат правата врз неа поради „нахва“ – племенски обичај со кој, како авторитет, главата на семејството одлучува за кого ќе се омажи девојката“, изјави шеикот Саадун од градот Амарах во провинцијата Мисан.

Таа веќе беше свршена со нејзиниот братучед, кој веќе беше женет и имал неколку деца со првата жена, но беше неписмен за разлика од Миријам која одела на факултет, додаде шеикот.

Облечен во модерно триделно одело под традиционалната наметка, шеикот на новинарите на АФП им рекол дека, кога се носела одлуката во племето бил против, и дека се обидел да го оттргне од идејата нејзиниот вереник, но бил надгласан.

„Ми рече: Ќе ѝ го скршам носот и насилно ќе се оженам со неа ако треба“, се потсети шеикот на разговорот со нејзиниот сопруг.

Мнозинството население во Ирак е конзервативно, кое практикува племенски традиции и верски обичаи на територија од Багдад до најдалечните рурални средини.

Во општество кое брои речиси 40 милиони жители, племенските водачи ја носат тежината на носење одлуки за вработување, стапување во брак, па дури и гласање на избори за припадниците на кланот. Тие честопати ги игнорираат институциите, затоа што племињата се водат според своите традиционални методи на медијација во решавање на спорови, наместо во официјалниот судски систем.

Прифати ја својата судбина

Жените и девојките честопати страдаат од овие екстремно патријархални системи при што честопати се принудени на брак против својата волја, стануваат жртви на семејно насилство и злоупотреба и се лишени од правото за образование.

Според податоците на УНИЦЕФ, минатата година јужните провинции Мисан и Басра имаат највисока стапка на склучени бракови со деца. Во Мисан, 35 проценти од мажените жени во брак стапиле како тинејџери, додека во Басра тој процент изнесува 31.

Во овој регион често се спроведува обичајот познат како „Фаслија“, во кој жените се нудат за брак како помирување на две завојувани племиња или како надомест за штета.

Една од активистките за женски права, Карима ал Таи, раскажува како овој обичај го опустошил нејзиното семејство.

„Пред 20 години конфликт избувна меѓу моето и едно соседно племе, па повикувајќи се на примирје моето семејство му понуди „пет девици“ на другото племе, вклучувајќи ја и братучетка ми Сахар, која беше омажена за брат на загинат од конфликтот. Тоа беа 20 години пекол за неа и нејзините деца. Таа беше малтретирана од семејството на нејзиниот сопруг, а нејзините деца јавно обележани како „деца на фаслија“, вели Карима.

Кога Сахар побарала помош од нејзиното семејство, била одбиена од роднините со изговор дека „таа е фаслија“ и дека треба да ја прифати својата судбина, се потсетува Карима.

Модерно ропство

Без помош од семејството или пристап до друг вид на помош, дел од жените во Ирак се одлучиле на самоубиство поради ваквите обичаи. Во 2017 година во Басра биле евидентирани 62 обиди на самозапалување на жени поради брачни проблеми, додека во Мисан во изминативе две години полицијата евидентирала 198 обиди за самоубиство на жени.

Дури и врховниот религиски лидер, ајатолахот Али Систани, минатата година повика да се стави крај на племенскиот адет „Нахва“, но тоа помина без успех.

Иако, според ирачкиот закон, принудување на жени и девојки на брак е казниво со затвор од три години, додека венчавањето на девојка со роднина се казнува со 10 години затвор, тоа не ги спречува племенските лидери и натаму да го спроведуваат обичајот „Нахва“.

Жените не се ни обидуваат по институционален пат да пронајдат правда, што само ги зацврстува обичаите.

„Во минатото „фаслија“ се користеше само во случаи кога треба да се стави крај на крвна одмазда и посериозни конфликти меѓу две племиња, но во последниве децении жените се злоупотребуваат и се нудат како надомест на штета и за многу помали и едноставни спорови меѓу семејствата. Е тоа е модерно ропство вели професорот на Универзитет во Мисан, Мајтам Ал Саади.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG