Достапни линкови

Секое десето дебарско бебе се родило во Дебар


Oпштата болница во Дебар.

Минатата година во Дебар имало околу 200 новороденчиња, но само 20 од нив се родиле во дебарската болница, останатите во најголем дел во струшката болница и нешто помалку во Скопје. Во болницата во Дебар нема доволно кадар.

Над 90 отсто од мајките од општина Дебар се породуваат во Струшката болница како и во други болници во земјава. Последните години постојано се зголемува бројот на мајки кои породувањето го вршат надвор од Дебар, бидејќи во општата болница во Дебар нема доволно кадар. Во 2018 година во дебарската болница се породиле само 20 жени, вели директорот на болницата доктор Баки Алили.

„Вистина е дека многу е мал бројот на породувањата кои се вршат во нашата болница и тоа поради одредени проблеми кои се однесуваат на недоволниот кадар во одделот за гинекологија. Излез гледаме во ангажирање на гинеколози од Струга. Сметаме дека можеме да ангажираме осум гинеколози од струшката болница, со што би делувале четири екипи. Заедно со нив би се вклучиле и двајца наши гинеколози и проблемот ќе се надмине“, додава Алили.

Раководителот на одделот за гинекологија при болницата во Струга доктор Мухамед Асани изразува готовност во дебарската болница да се активираат гинеколози од болницата во Струга, со цел жените од Дебар да не се малтретираат.

„Повеќе од пет години откако ние престанавме да делуваме и во дебарската болница, сега најголемиот број на мајки од Дебар и Жупа се породуваат во Струшката болница. До декември минатата година беа породени 135 мајки од општина Дебар од кои 55 со царски рез. Тука треба да се додадат и големиот број контроли и други интервенции на пациентките од Дебар. Решението е во повторно ангажирање на нас гинеколозите од Струга во дебарската болница. Ние сме спремни на наше повторно ангажирање како гинеколози и во дебарската болница“, додава Асани.

Според информациите од надлежните институции, минатата година бројот на новороденчиња во општина Дебар е нешто повеќе од 200, од кои најголемиот дел се родени во Струшката болница и еден помал број во Скопје. Кога говориме за бројот на новороденчињата, тој од година во година рапидно опаѓа. Пред една декада во општина Дебар беа регистрирани околу 500 новороденчиња, а сега бројот е многу помал. Главна причина е масовната миграција на младите.

  • 16x9 Image

    Кенан Мимидиновски

    Кенан Мимидиновски, роден 1954 во Дебар. Завршил Правен факултет во Скопје, а со новинарство професионално се занимава 30 години. Најпрвин во Радио Дебар како новинар, а подоцна 12 години и како главен и одговорен уредник . Дописник на Радио Слободна Европа од Дебар е од 2001 година.

XS
SM
MD
LG