Достапни линкови

Сиљановска – Давкова се надева дека АРМ ќе добие и жена - генерал


Митинг на претседателската кандидатка Гордана Сиљановска Давкова поддржана од ВМРО-ДПМНЕ пред Владата во Скопје

Кандидатката за претседател Гордана Сиљановска – Давкова вечерва рече дека ако стане претседател, жените ќе бидат доминантни во нејзиниот кабинет и оти се надева дека ќе биде претседателка во чие време за првпат ќе има и жена генерал во Македонија.

„Тоа е фантастична шанса за прекрасните македонски мажи да докажат дека поддржуваат успешни жени. Така новите генерации ќе може да споредуваат што е разликата во владеењето оти ние не сме имале можност да ги покажеме своите способности. Со мене ќе ги имате тие можности, прекрасна шанса за фантастичките македонски мажи да докажат дека поддржуваат успешни жени“, рече Сиљановска - Давкова на централниот митинг кој се одржа вечерва во Скопје.

Таа ја критикуваше владата, за која рече дека се декларирала како реформска, а единствено што променила е името.

Според неа, еколошката закана е најголемата безбедносна закана за земјава.

Таа ги повика граѓаните масовно да излезат на изборите, затоа што ако не биде постигнат цензусот од 40 отсто, власта ќе го промени Уставот за претседателот да се бира во Собранието.

„Тогаш претседателот ќе се бира со пазар, погодете тогаш кој ќе биде претседател“, рече Силјановска – Давкова.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, рече дека Македонија овој пат се брани со гласачко ливче зашто власта ги подрива темелите на државата.

Неколку десетици илјади луѓе од целата земја со македонски знамиња и партиски обележја на ВМРО-ДПМНЕ се собраа на улицата пред Владата каде што се одржа митингот.

Македонската химна на почетокот на митингот ја испеа оперскиот пеач Игор Дурловски, кој беше обвинет за вмешаност во насилствата во Собранието на 27 април 2017 година, но судот го прогласи за невин.

На бината имаше и преведувачка за знаковен јазик, која ги преведуваше говорите на Сиљановска – Давкова и на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и за глувонемите.

XS
SM
MD
LG