Достапни линкови

Поп Асановиќ: Најбитното за еден музичар е да му дадеш можност да се изрази


Тихомир Поп Асановиќ, еден од најдобрите европски клавијатуристи и некогашен член на легендарни постави ТАЈМ и СЕПТЕМБЕР, со реобјавувањето на култните албуми „Мајко земјо“ и „ПОП“ и новиот „Враќање на првата љубов“, на голема врата се врати на регионалната музичка сцена.

Си доаѓам дома. Во последно време често сум Македонија. Имам пријатели уште од она време. Од младоста. Луѓе со коишто се дружев до 1963 година кога по земјотресот си заминавме од овде. Па затоа си реков дека по Загреб, одам прво промоцијата за албумот да ја направам во Скопје, па дури потоа на ред ќе дојдат Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Словенија...

Вака Тихомир Поп Асановиќ, еден од своевремено најзначајните и најпрогресивните музичари што делувале на овие простори и пошироко ќе ја започне приказната за своето враќање по цели четири децении дискографско отсуство од сцената. Неговата актуелна присутност е означена со повторното печатење на неговите два култни албума „Мајко земјо“ од 1974 и „ПОП“ две години подоцна, обата како двоен компакт-диск и двоен винил. Тие се појавија како изданија на следбеникот на некогашниот „Југотон“ - денешна Кроација рикордс, која по повеќе од четврт век се врати во Македонија со идеја да ја возобнови соработката со домашните артисти.

Згора на тоа вљубеникот во џезот, рокенролот и фанкот, музичарот почитуван во целиот свет кого пошироката јавност главно го памети како еден од најдобрите европски клавијатуристи и како некогашен член на легендарни постави како ТАЈМ, СЕПТЕМБЕР и ЈУГОСЛОВЕНСКА ПОП СЕЛЕКЦИЈА... и соработник на класичните објави на ѕвезди од калибарот на големата Јосипа Лисац, легендарниот хрватски вибрафонист и џез протеже Бошко Петровиќ, Зденка Ковачичек, ПРОАРТЕ...сето тоа го зачини и со нов албум во две верзии ( на хрватски и англиски јазик) симболично именуван како „Враќање на првата љубов / Return to the First Love “.

Од загребската промоција на „Враќање на првата љубов“

За овој проект тој во бендот ТИХОМИР ПОП АСАНОВИЌ И ПРИЈАТЕЛИТЕ собра млада и исклучително потентна екипа на музичари во која се пејачката Сабрина Хебири, гитаристот Јани Модер, басистот Давор Чрнигој и тапанарот Давид Морган. Покрај нив во студиото ги викна старите другари и големи мајстори како Влатко Стефановски, Драги Јелиќ, Радомир Михајловиќ Точак, Аки Рахимовски, Ведран Божиќ, Јанез Бончина, Ненад Чанак, Примож Грашич, Aмир Гвицман...за да потпишат дело кое е вистински показ за вистинските вредности наспроти какофоничната реалност. И тоа не е сè бидејќи несомнено од голема помош во креирањето на „повратничката сторија“ му биле еден Владо Јаневски кој е и автор на дел од текстовите на песните, Каролина Гочева, Александар Јовевски од МОНИСТРА ( овде свири тапан), Саша Антиќ... и рок критичарот Златко Гал, кој се појавува како потписник на стиховите на хрватски јазик.

И, уште малку фактографија. „Враќање на првата љубов“, во продукција на Душко Мандиќ, е снимен во студиото на Кроација рикордс во Загреб и во RSL студио во Ново Место во Словенија. Насловната страница на обвивката е фотографија на Милан Александар Асановиќ (синот на Поп), додека ликовното обликување со ретко успешно оригинално решение го стокмил Иво Т. Монтина.

Конечно критиката, имајќи ги на ум првиот сингл „Femme Fatale“, новата верзија на извонредната песна од времето на СЕПТЕМБЕР - „Домовино моја“ ( или глобално “Mother Earth“), прогресивната „Експрес за Нови Сад“ или нам органски блиската „Лудо момче, Македонче“ ( во која прска од непарни ритми) ... нималку не штедеше на фалбите и веднаш по обелоденувањето албумот го почести со квалитатив „едно од најдобрите музички изданија, кое последниве години е објавено на регионалната музичка сцена“.

А, кога сето ова е веќе познато видно расположен Тихомир Поп Асановиќ знае да каже дека не му било тешко да се одлучи да се врати на сцената. Дека тоа е резултат на „здодевните пензионерски денови“ што морал да почне да ги живее.

„Си реков ајде да направам уште еден албум и да видам како сето тоа ќе испадне. Материјал имав и ги викнав во студио своите стари добри пријатели Влатко, Аки, Ведран, Драги, Точак, Јанез...Разбирливо претходно собрав околу себе една прекрасна екипа на релативно помлади но квалитетни музичари. Навистина имав среќа што меѓу нив беше и Сабрина Хедири една прекрасна пејачка. Таа е вистинско откритие за мене. Најнапред снимав во Ново Место, па потоа и во Загреб и ете „се роди ново дете“, вели Асановиќ.

Прашан за паралелното реобјавување на неговите две клучни плочи „Мајко земјо“ и „ПОП“ , тој искрено признава дека не верувал оти нивното појавување, музиката што е забележана на нив, ќе предизвика толку голем интерес кај публиката. Дека таа не само што не ги заборавила туку и по цели четири месеци се меѓу најбараните не само во Хрватска туку и во целиот регион.

„Деновиве добив информација од издавачката куќа дека и не само старите плочи туку и винилот со „Враќање на првата љубов / Return to the First Love “, за само две недели откако е издаден, е продаден во 500 примероци. Тоа е шокантно голема бројка за овие времиња кога луѓето продаваат по 100 или максимум по 200 плочи. Моето објаснување е дека тоа што сум го работел и посебно што сега го работам е еден начин на кој ретко кој креираше музика во последниве децении. Па и денес. Стилски поразлично од сето останато. Никој не се зафати со тоа и од таму големиот интерес за тој тип на музика – еден вид комбинација на џез, фанк, рок, поп...А богами ние сето тоа и тоа како добро си го отсвиревме. И тоа се слуша. Се чувствува целата таа атмосфера и позитивна енергија“, појаснува Поп.

На забелешката дека како искусен музичар тој само го применил принципот на работа од далечните 1970-ти кога крај себе ги имаше не само пејачот Дадо Топиќ и еден гитарски маг како Ведран Божиќ ( со кои подоцна застанаа зад големата југословенска рок легенда ТАЈМ и го снимија денес класичниот прв албум на бендот и потем синглот со нам химничната „Македонија“ ), па Јосипа Лисец...туку и еден Миленко Прохаска, па и нашиот Илија Пејовски како аранжер, Тихомир најнапред со појаснување дека од себе не можеш да побегнеш и потем со зборови пофалба за Пејовски.

„Илија е мојот другар од детството. Тој е првиот Македонец и веројатно првиот од овие наши простори што студираше на Џез академијата во Беркли. Тој на некој начин, морам да признам, беше мојот идол. Беше музички фантастично поткован и кога замина во Бостон, јас неизмерно бев среќен што ете еден човек од југот се најде таму бидејќи тогаш тие студии беа многу скапи. Се надевам дека ќе испадне прилика да се видиме наредната недела, по мојата промоција во „Југотон“.“

Во дополнение, тој и со експликација дека кога ги собирал пријателите во студио нималку не му бил во преден план нивниот „ѕвезден статус“ туку дека ги бирал така тие да можат да го дадат својот максимум. Да се чувствуваат комотно при изведбата на песната. Таа да биде во нивниот стил. Како пример за тоа го наведува Влатко Стефановски кому стилски му легнала „Лудо момче, Македонче“, па потоа Драги Јелиќ или Радомир Михајловиќ Точак од СМАК.

„Секоја песна е одредена така да секој од гитаристите на пример не си смета еден на друг. Дури и секој од нив стилски е блиску до основната водечка нишка на песните. Тоа верувам дека успеав да го направам и од таму некако си се чувствувам навистина горд. Е сега што тие поединечно го уживаат тој статус на легенди е сосема разбирливо ако се има на ум колку долго се присутни на сцената и во какви води успешно пливаат и денес“, смета Асановиќ.

Поп и Влатко Стефановски на снимањето на албумот

Прашан, пак, за тоа дали во бранови го заплиснала некогашната творечка и свиречка енергија, потребата да се чувствува како некогаш...Да биде „млад и гневен“, спремен повторно силно „да гризе“...и со новиот албум онака како што тој само умее да посочи на заборавените вистински вредности ...Асановиќ со одговор дека времето не може да се врати, но дека неминовно треба да се препознаат нештата со поинаков квалитет.

„Да бидеме реални. Времето си оди. Технологијата го следи во чекор. Ова е време на компјутерите. Се појави електронската музика и оваа генерација за жал и нема шанси, веројатно ни трпение, сето тоа едноставно да го слуша. Да ја допре некогашната музика. Се согласувам дека треба да се фокусираме на некоја музика која ќе биде некако „човечка“, многу потопла наспроти студенилото на машините и потпирањето само на тој „компјутерски звук“. Според мене најбитното кај еден музичар е кога ќе можеш да му дадеш на еден солист прилика да се изрази. Ништо подобро на светот од тоа не постои бидејќи кај компјутерите се* почнува и завршува со еден ист удар. А денес има толку добри млади музичари. Посебно во Македонија, во Србија...па и овде во Хрватска, а никој не им дава шанса да се изразат. За жал пазарот диктира сè“, вели тој.

Конечно Тихомир Поп Асановиќ нималку не крие дека е во „убав филм“ и дека има сила наново, токму како во младоста да тргне на долга и исцрпувачка турнеја. Да свири промотивни концерти во сите држави од регионов.

„Досега се договорени настапите на неколку големи фестивали во регионов. Така летово ќе свириме на „Нишвил џез фестивал“, потоа на Егзит, Инмјузик...и да не ги набројувам сите други. Промоцијата во Скопје ќе ја искористиме и за договори за концерти по Македонија. Тргнуваме како некогаш во 1970-те...па ќе видиме. Знам само дека имаме енергија и желба да ја поминеме онака својски безмалку цела поранешна Југославија. На албумот има многу гости и кога завршивме со снимањето се договоривме дека би било убаво сите да се појават на концертите согласно слободното време што во тој период ќе го имаат. Така знам дека Влатко Стефановски би требало да отсвири неколку поголеми концерти...Слушај ако тој, да речеме и Аки кој исто како и јас е „скопско дете“, не бидат до мене на сцената токму во родниот град тогаш ништо не сме направиле. Се разбира истото важи и за Владо и Каролина, за Александар Јовевски... Таков е случајот и со Драги Јелиќ и Точак во Белград. Барем такви беа плановите“, вели Поп Асановиќ.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG