Достапни линкови

Партијата на Орбан суспендирана од Европската народна партија


Унгарскиот премиер Виктор Орбан

Европската народна партија(ЕПП), групација на десниот центар во Европскиот парламент, денеска изгласа суспензија на Фидес, партијата на унгарскиот премиер Виктор Орбан, поради загриженоста од авторитаризам. Одлуката, на политичкиот состанок на ЕПП во Брисел, е донесена со големо мнозинство од 190 гласови за и три против и стапува на сила веднаш.

Суспензијата значи дека партијата не може да присуствува на состаноците на групацијата, нема право на гласање, ниту да предлага кандидати за одредени функции.

Поради авторитарниот стил на владеење и антиевропските и антимигрантски политики, Орбан долго време е во конфликт со бројни членови на ЕПП.

Орбан учествуваше на состанокот во Брисел.

„Инсистирав дека никој не може да нè суспендира или исклучи. Наместо тоа, ние доброволно ќе ги суспендираме нашите права“, рече тој по гласањето.

Овој потег по поттикнаа 13 партии-членки на ЕПП, откако Фидес дистрибуираше постери на кои претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, член на ЕПП, е прикажан како марионета во рацете на американскиот милијардер Џорџ Сорос.

Шефот на кабинетот на Орбан, Ѓерѓели Гулаш за унгарската новинска агенција МТИ пред гласањето изјави дека Фидес веднаш ќе ја напушти ЕПП ако биде суспендирана.

Новата лидерка на германската Христијанско-демократска унија, Анегрет Крамп-Керенбауер, претходно изјави дека замрзнувањето на членството на Фидес во ЕПП е можно. Пратеничката од Христијанско-демократската унија Инге Гресл денеска изрази очекување дека Фидес ќе биде суспендирана, што е чекор пред исклучување и дека потоа Орбан ќе може да избере како сака да продолжи.

XS
SM
MD
LG